Правосудството упорно настојува да се самоприкаже оти е департизирано и во голема мера реформирано, меѓутоа во извештајот на Европската комисија за реформскиот напредок за државава од пред еден месец беше забележано дека судскиот систем е „умерено подготвен“, а оцените на домашните независни експерти велат дека ни се случува „крах во правосудството“
Која оцена ја доби правосудниот систем од ЕК, а која од домашните експерти
Огромна неусогласеност во висината на изречените казни за исти или слични кривични дела и селективност во гонењето на истите тие сѐ уште се вообичаени појави во македонското правосудство, оценуваат аналитичарите. Тие додаваат дека и покрај заложбите на сите досегашни влади оти ќе го департизираат и реформираат правосудството, сѐ остана на вербални ставови и декларации. Сличен заклучок може да се извлече и од извештаите на сите релевантни меѓународни организации и институции, додека кај нас правосудството инсистира да се прикаже оти е департизирано и во голема мера реформирано. Па, така, на пример, во извештајот на Европската комисија за реформскиот напредок за државава од пред еден месец беше забележано дека судскиот систем е „умерено подготвен“, а оцените на домашните независни експерти велат дека во периодов ни се случува „крах во правосудството“.
Судски предмети во функција на политички цели?
– Самите извештаи за огромното присуство на корупција на највисокото ниво во земјава доволно зборуваат за тоа колку ни е реформирано правосудството. Патем, и сите ние сме сведоци на неефикасноста во гонењето на корупцијата на највисокото ниво. Како најеклатантни примери би ги посочил случаите со специјалното јавно обвинителство и со поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, каде што се вложуваат максимални политички напори тие да бидат разводнети, исто како што, во моментов, се случува и со случајот на копањето биткоини во Градскиот трговски центар во Скопје, во обид на сите можни начини да се заштити партијата на Бајрам. Тие и многу други се примери во кои правосудството, кое додворувајќи ѝ се на владејачката гарнитура, продолжува со политиката на селективна казнивост. А уште полошо, ние имаме и примери на сообраќајни прекршоци со трагични исходи, кои исто така се користат во политички цели. Сите тие се доказ за недозволиво растегливите критериуми во правосудството, чии жртви, во поблиска или во подалечна иднина, би можеле да бидеме сите ние како граѓани – објаснува политичкиот аналитичар и колумнист на „Нова Македонија“ Сашо Клековски.
Иако Клековски ги наведува и позитивните примери, каков што е, според него, Основниот суд – Велес, кој навремено и солидно ги решавал сите предмети, во генералната оцена за правосудството, тој заклучува дека тоа е далеку од реформирано.
Регистриран ли е напредок на имплементацијата на „стратегијата за реформи во правосудството“?
Со повеќе бирократски отколку дипломатски речник опишано од страна на Европската комисија тоа би значело дека е постигнат одреден напредок во однос на имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се разгледале препораките од Венецијанската комисија и групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото, но и дека сѐ уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план за стратегијата за реформи во судството и стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството.
– Важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратегиските планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Новиот предлог-закон за Академијата за судии и обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во судството и обвинителството и треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии – беше констатирано во извештајот на Комисијата.
А дека судиите не се чувствуваат доволно поврзани со работата на Судскиот совет, дека се чувствуваат отуѓени и не чувствуваат дека Судскиот совет е тој што ги застапува и брани нивните интереси, ниту дека ја унапредува генерално независноста на судството, е заклучок и од спроведениот мониторинг на работата на Судскиот совет и од направените интервјуа со 14 актуелни и двајца поранешни судии, кои беа презентирани на прес-конференцијата „Влијанието на мерит-системот врз судската независност и професионалност во Северна Македонија“, во организација на коалицијата „Сите за правично судење“.
– Судскиот совет во иднина се очекува да биде носител на најавената реформа, во надеж дека реформираниот судски систем и воведените методологии за оценување на судиите и нивната работа ќе донесат некаков позитивен исход во однос на состојбите на правосудството – заклучија оттаму.
По сите овие согледувања, во јавноста остана дилемата дали и колку е реформирано правосудството, особено откога портпаролите на Владата на неодамнешна прес-конференција, информирајќи за заклучоците и одлуките донесени на нејзината 119. седница, кажаа дека буџетот за 2022 година има четири основни цели: зачувување на здравјето и животите на граѓаните, економско заздравување и забрзан раст, фискална одржливост и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евроатлантските интеграции.
Тоа вчера го потврди и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој рече дека во буџетот за следната година се планираат повеќе финансиски средства за судовите. Со тоа, според него, финансиски и кадровски ќе се зајакне правосудството, што треба да биде следено од ефикасни и квалитетни судски постапки.
– Доказ за нашата заложба и влог во правосудството е и буџетот за судство предвиден за 2022 година, кој е за 6,5 отсто повисок во споредба со минатата година, заради покачување на платите во судството за 15 отсто за сите вработени, вклучувајќи ја и администрацијата. Ќе се зголемуваат и човечките капацитети со потребни кадри каде што има недостиг во судските инстанци низ државата – потенцира Маричиќ во обраќањето на презентацијата на „Функционалната анализа на основните судови и планот за подобрување на основните судови во РСМ“, која ја изработи Центарот за правни истражувања и анализи, со поддршка од британската aмбасада. Д.М.М.