НАТО им помага и на оние што не се членки назначени како „партнери“ за да го изградат својот одбранбен капацитет, подобро да управуваат со кризи и да имаат корист од експертизата на НАТО за борба против тероризмот и нетрадиционалните безбедносни закани, како сајбер-војна и пиратерија. Сега кога станавме рамноправна членка на Алијансата, по некоја игра на случајноста, кај нас се отворија многу „фронтови и жаришта“ за кои НАТО можеше многу побрзо и поефикасно да се вклучи и да помогне. Последниот пример е фронтот со пожарите како страшна природна катастрофа, со која ние како членка на НАТО сами не можевме да излеземе накрај. Зошто од „јатото“ не се реагираше инстант и решително?
Деновиве немоќта сами да се справиме ефикасно со пожарите го отвори прашањето за помошта однадвор, од најблиското соседство, но првенствено од партнерските земји-членки на НАТО, но и од врвот на Алијансата во Брисел, заради организациски, логистички и оперативни ангажмани во Македонија, за спротивставување на шумските пожари, кои прераснаа во тежок и нерешлив проблем.
Иако јавноста во земјава очекуваше многу побрза, рапидна реакција на системот во Алијансата, кој спречува и успешно и ефикасно затвора не само безбедносни проблеми туку и оние што се предизвикани од природни и елементарни непогоди како што се пожарите, помошта кај нас дојде нешто подоцна, што овозможи штетите да бидат поголеми. Што се случи со синџирот на синхронизирани (меѓународни) акции и зафати што треба да се активираат веднаш по дадениот аларм за одредена опасност? Што се случи со постојните сценарија на кризниот менаџмент на Алијансата и мобилизирање на силите и насочување токму кај нас, во Македонија? Кои интереси се клучни?
Глобалниот интерес на НАТО многу посилен од локалните жаришта на проблеми кај некои свои членки
Политиката на најмоќниот воен сојуз повторно е тема на глобалната јавност, откако се појави дилемата дали НАТО го шири своето партнерство наспроти Кина, користејќи ја светската битка за 5Г-технологијата.
Како што пишува „Гзероњуз“, САД, наводно, му понудиле на Бразил партнерство со НАТО во замена за забрана на кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ од своите 5Г-мрежи.
НАТО им помага на оние што не се членки назначени како „партнери“ за да го изградат својот одбранбен капацитет, подобро да управуваат со кризи и да имаат корист од експертизата на НАТО за борба против тероризмот и нетрадиционалните безбедносни закани, како сајбер-војна и пиратерија.
Во замена, може да се очекува партнерите да се приклучат на воените мисии предводени од НАТО и да разменат разузнавачки информации. Сепак, само земјите-членки на НАТО имаат право на меѓусебна одбрана од страна на Алијансата. Ги разгледуваме партнерските пипала на НАТО со 40 нации што не се членки низ целиот свет.
На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја-членка на Алијансата. Со тоа, се реализира еден од трите стратегиски приоритети на надворешната политика на земјата, околу кој беше изграден најширок политички консензус, проследен со силна поддршка од граѓаните во земјата.
НАТО ги преферира безбедносните проблеми пред преостанатите?
Универзитетскиот професор Нано Ружин вели дека има неколку категории држави, како членки на НАТО, аспиранти да станат членки на НАТО, како Грузија и Украина, но тие поради разни причини сѐ уште не се. Потоа, има држави-членки на програмата Партнерство за мир, во кои спаѓаат оние држави што ќе станат членки на НАТО, но и оние што никогаш нема да станат членки на НАТО.
– И тие се сите партнери. Има и држави со кои НАТО има склучен партнерски договор, како Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Мароко итн. Тоа е најблага форма на соработка – посочува тој.
Според него, суштината е партнерството за мир да се поима, да се воспостави мирно решавање конфликти, да има заемна соработка од заеднички опасности, од пандемија до тероризам. НАТО има посебен договор за соработка со Русија и со Украина со оглед на нивната големина како држави.
– Сепак, државите што се членки имаат најмногу погодности и плаќаат членарина. Постојат разни форми на соработка со партнери што на извесен начин можат да одиграат улога да се спречи некое влијание, пред сѐ, на Кина и на Русија. Некои од овие држави, кои се отворени кон светот и кон странски инвестиции, се обидуваат да функционираат поаѓајќи од нивната сиромаштија, Кина прави пробив во Африка со своите инвестиции. Кај НАТО постои желба да го спречи тоа Кина агресивно да настапува, дури поагресивно од Русија -објаснува професорот Ружин.
Ристо Никовски, дипломат во пензија, вели дека е факт тоа што САД во сите свои меѓународни контакти бара сојуз против Кина, што е спротивно на основните дипломатски принципи, според кои, билатералните контакти не смеат да се користат против трети држави, се разбира освен во услови на војна.
– Политиките на САД директно се рефлектираат и на активностите на НАТО. Очигледно е дека Кина е главен противник за САД и тие прават сѐ што е во нивна моќ да го ограничат нејзиното влијание. Да потсетиме дека во меѓувреме се прават силни усилби да се спречи и кинеската програма „Појас и пат“ со некаква слична западна понуда – објаснува тој.
Според Никовски, меѓународната ситуација се влошува, што е факт, а Студената војна практично е повторно во целиот свој сјај.
Патот на македонското членство во НАТО
Определбата за евроатлантско интегрирање на нашата земја датира уште од 1993 година, кога Собранието усвоило Резолуција, во која се дефинирани надворешнополитичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
На 15 ноември 1995 година, тогашна Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир. Во тоа време, земјата беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка, подоцна Евроатлантски партнерски совет.
На 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.
Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамките на декларациите на следните самити на НАТО (Лисабон 2010, Чикаго 2012, Велс 2014 и Варшава 2016), беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето заемно прифатливо решение за името во рамките на ООН.
На Самитот на НАТО во Брисел, 11-12 јули 2018 година – Северноатлантскиот совет, на состанок на ниво на шефови на држави и влади, донесе одлука да ја покани Македонија да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата.
На 1 август, 2018 година, генералниот секретар на НАТО упати писмо до министерот за надворешни работи заедно со План за спроведување на процесот на пристапување во НАТО.
На 18 и 19 октомври 2018 година, на состанокот одржан во седиштето на НАТО во Брисел, земјата успешно ги заврши пристапните разговори за членство во Алијансата.
На 21 јануари 2019 година, министерот за надворешни работи упати писмо до генералниот секретар на НАТО, во кое беа изразени подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на земјата во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање покана за пристапување кон НАТО.
На 6 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји-членки на НАТО, во присуство на генералниот секретар на НАТО и министерот за надворешни работи, го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Македонија во Алијансата.
По свечената церемонија во Брисел, започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на сите 29 земји-членки на Алијансата. Процедурата за ратификација на Пристапниот протокол беше финализирана на 19 март 2020 година, кога амбасадорот на Кралството Шпанија, во Вашингтон, го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.
Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, по што, на 20 март 2020 година, следуваше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на претседателот на републиката.
Конечно, на 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, во Стејт департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што Република Македонија и официјално стана триесетта земја-членка на Алијансата.