Има ли НАТО веродостојна формула за вреднување на партиципацијата на своите членки

Уште 3-4 ратификации на протоколот за членство во НАТО, од парламентите на земјите-членки, ја делат Македонија до полноправно членство во Алијансата. Иако по потпишувањето на Преспанскиот договор и првата ратификација на протоколот од страна на Грција, се очекуваше влезот во НАТО да биде формалност, сепак и овој процес не е исклучен од политикантски еквилибристики на „меѓународната“. Сепак, факт е дека членството во НАТО, во актуелниов миг, е поизвесно од шансите за ЕУ, но привилегијата да се биде дел од елитна воено-политичка алијанса носи со себе и поголеми обврски, особено финансиски

Соочувањето со членството во НАТО има и финансиски агол и гледиште. Во основа, за Македонија ќе значи обезбедување средства за одбрана, што ќе изнесуваат до 2 отсто од националниот БДП. Всушност, уште поточно, тој процент на издвојување за одбраната, треба да се постигне до 2023 година, според договорот од самитот на НАТО во 2014 година, во Велс.
Сегашниот македонски буџет за одбрана (2019 година) е проектиран на 1,19 отсто од БДП, што во апсолутни бројки изнесува околу 8,3 милијарди денари (или околу 135 милиони евра).
Доколку по евентуалното зачленување во НАТО се достигне проектираната цел од 2 отсто од БДП за одбрана, во услови кога БДП се движи околу 10 милијарди евра, тогаш во буџетот ќе треба да се планираат околу 200 милиони евра за одбрана, односно околу 100 евра по жител.

НАТО има формула за распределување на средствата во висина од 2 отсто од БДП

Американскиот претседател Доналд Трамп во неколку наврати инсистира сите сојузници во НАТО да го зголемат својот буџет за одбрана за поголем процент од националните БДП, заради поголема партиципација на заедничкиот годишен фонд на НАТО. Меѓутоа, европскиот портал „Политико.еу“ дури отворено му префрла на американскиот претседател дека воопшто не му е јасно како функционира буџетирањето на НАТО.
– Поентата на забелешките на Трамп (и да бидеме фер, таа е иста како и на повеќе негови претходници во Белата куќа) е за учеството во вкупните трошоци (за војниците, оружјето, опремата и другите можности на секоја поединечна земја) од страна на сојузниците на НАТО, а не на релативно малиот заеднички финансиран годишен буџет за седиштето и другите централизирани системи и операции – пишува европскиот портал „Политико.еу“, кој тврди дека „дури и на американскиот претседател не му е најјасно заедничкото финансирање на НАТО, или можеби намерно ги поедноставува работите во своите коментари“.

Фото: Дарко Андоновски

Според „Политико.еу“, администрирањето на заедничкиот буџет, за кој не се изјаснува колку изнесува, е поделен на три главни категории: воен, цивилен и капитални инвестиции.

– Еве еден едноставен образец за тоа како функционира директното буџетирање на НАТО (официјално познато како „заедничко финансирање“) и кој плаќа колкав дел. Буџетот за „заедничко финансирање“ на НАТО, односно делот од буџетот на Алијансата што го администрира неговиот меѓународен цивилен и воен персонал, е поделен на три главни категории: граѓански буџет, воен буџет, програма за безбедност на инвестициите во НАТО (за капитални расходи). Како што објаснуваат од НАТО, „тоа се единствените фондови кога властите на НАТО ги идентификуваат барањата и ги поставуваат приоритетите во согласност со сеопфатните цели и приоритети на Алијансата“. Сојузниците обезбедуваат пари за овие три буџетски категории според двегодишна формула за поделба на трошоците, врз основа на бруто-националниот приход на секој сојузник, што значи дека побогатите членови плаќаат пропорционално поголем удел – се објаснува принципот на распределба на средствата за одбрана во „Политико.еу“.

НАТО: Македонија ќе плаќа 1,5 милион евра годишно во заедничкиот буџет

Во врска со финансиските обврски на земјата, кои ќе ги преземе со членувањето во НАТО, „Нова Македонија“ упати прашање за начинот на распределба на предвидените средства до канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.
– Трошоците за администрирањето на НАТО се делат меѓу земјите-членки. Секој сојузник придонесува според договорената формула за учество на трошоците, заснована на бруто-националниот приход. Точниот удел што треба да го плати Северна Македонија беше утврден за време на разговорите за пристапување, врз основа на формулата за учество на трошоците што се однесува на сите членки на НАТО. Според таа формула, како членка, Северна Македонија ќе плаќа околу 1,5 милион евра годишно. Остатокот од одбранбениот буџет на Северна Македонија е наменет исклучиво за национални цели/потреби (плати, операции и одржување, модернизација) на вашите одбранбени сили – стои во одговорот од претставништвото на НАТО во Македонија.

Колку плаќаат најголемите членки на НАТО?

Според формулата за 2016 и 2017 година – Соединетите Американски Држави плаќаат 22,14 проценти (заоблени на две децимални места; НАТО е уште поконкретно на својата веб-страница). Германија е следниот најголем придонесувач, плаќа 14,65 проценти, а потоа следуваат Франција, која плаќа 10,63 проценти, и Велика Британија, која плаќа 9,85 проценти. За 2017 година, вкупниот буџет на НАТО е приближно 2,18 милијарди евра, или 2,44 милијарди американски долари, поделен на следниов начин: граѓански буџет – 234,4 милиони евра или 262 милиони американски долари; воен буџет – 1,29 милијарда евра, или 1,44 милијарда американски долари; програма за безбедност на инвестициите во НАТО – максимум 655 милиони евра или 734 милиони американски долари. Според формулата за поделба на трошоците, ова е приближниот вкупен удел на најбогатите големи сојузници.


Движењето на буџетот за одбрана на Македонија

Буџетот за одбрана на Македонија, за оваа 2019 година, е проектиран на 1,19 отсто од БДП, или 8,3 милијарди денари (135 милиони евра). Тоа сепак претставува раст, во однос на минатогодишниот буџет (за 2018 г.), кој изнесувал 0,95 отсто од БДП или 6,24 милијарди денари. За 2017 година, одбранбениот буџет изнесувал 5,9 милијарди денари.

– Највисока стапка од БДП за одбрана, во македонскиот буџет, беше издвоена во 2005 година, која достигна близу 2 отсто. Од 2006 година, стапката на издвојување од БДП почна да опаѓа и таа тенденција траеше до 2017 година, кога беше донесена на 0,9 отсто. Кога ќе станеме членка на НАТО, буџетирањето на одбраната ќе треба да се проектира според договорите во Алијансата, односно да се достигне стапката од 2 отсто од БДП, што за волја на вистината сѐ уште го немаат достигнато и поголеми и постари сојузници во Алијансата – вели воениот аналитичар Благоја Марковски.