Америка ќе стори сѐ и ќе ви помогне на секој начин во вашите напори да станете дел од Европа. Нема ограничување на количеството на таквата помош. Ова беа зборовите со кои Колин Пауел се обрати кон Србија и Црна Гора на 2 април 2003 година, три недели по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, кога тогашниот американски државен секретар ненадејно го посети Белград. Со нив навремено му се оддава почит на Колин Пауел, кој почина пред некој ден, а се отвора и поглед напред на американската политика кон Балканот. Но кои се најсвежите интересни вести?
По персоналните промени во американската дипломатија
Моментно се одвиваат значителни промени во американскиот дипломатски тим задолжен за Балканот. Нови амбасадори доаѓаат во Белград, Приштина, Сараево, а можно е и во Подгорица, во Вашингтон е назначен новиот „шеф“ за Балканот во Стејт департментот, Габриел Ескобар. Овие неколкумина луѓе имаат повеќе од 100 години заедничко искуство во политиката со балканските земји.
Не треба да велиме дека Америка „се враќа на Балканот“, не само затоа што фразата е излитена туку бидејќи е погрешна. Доколку Америка навистина не беше присутна во регионот во изминативе години, Хрватска немаше да стане членка на ЕУ, ниту пак целиот Западен Балкан, со исклучок на Србија и на БиХ, ќе беше во НАТО. Не треба да велиме дека Америка „се враќа на Балканот“, не само затоа што фразата е излитена туку бидејќи е погрешна. Доколку Америка навистина не беше присутна во регионот во изминативе години, Хрватска немаше да стане членка на ЕУ, ниту пак целиот Западен Балкан, со исклучок на Србија и на БиХ, ќе беше во НАТО.
На што ќе се фокусира новиот американски тим?
Д-р Орхан Драгаш од Меѓународниот институт за безбедност од Белград анализира дека новиот американски тим задолжен за Балканот несомнено ќе има задача да го забрза завршувањето на нерасчистената работа. Препуштајќи го Балканот на ЕУ во минатото, Америка се обидуваше да го остави „мирот“ во постконфликтниот период на господарот на „меката моќ“, кој има најголем интерес за регионот. Но европскиот начин доведе до прекумерно губење време и последично кон замаглување на целта што требаше да остане кристално јасна до нејзиното исполнување – за целиот Балкан да биде интегриран во ЕУ и во НАТО, што е долгорочен отворен интерес на Америка.
– Новиот американски пристап на Балканот примарно ќе се фокусира на решавање на двете главни кризни подрачја, Косово и Босна и Херцеговина. Тоа ќе биде во фокусот на новите амбасадори, Кристофер Хил во Белград, Мајкл Марфи во Сараево и Џефри Ховениер во Приштина, како и на нивниот колега во Вашингтон, Габриел Ескобар. Нивната експертиза е извонредна, но таа со сигурност нема да биде доволна за завршување на работата. Иако секој од нив индивидуално има лично искуство од воените или поствоените години на Балканот, од новиот дипломатски тим не треба да се очекува да се придржува кон старите модели. Кристофер Хил беше во Рамбуе и беше високорангиран дипломат за време на косовската војна во 1999 година, но тој нема да го враќа Рамбуе на неговото ново работно место во Белград. Интересите на САД се исти како и пред две децении, но ќе има различни средства за нивно постигнување. Јасно е дека мисијата на Кристофер Хил и на другите од тимот на Балканот ќе биде комбинација на децидна дипломатија, помогната од казнувањето на локалните политичари и клучните играчи со индивидуални санкции, како важен сегмент во надворешната политика на Џо Бајден.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит, за „Нова Македонија“ вели дека именувањето на новиот американски тим задолжен за Балканот несомнено има цел да го ефектуира влијанието на САД налик на истото пред времето на мандатот на Доналд Трамп во регионот.
– Овие дипломатски чекори можат да се гледаат на начин што со нив се истакнува дека САД се плаши Балканот да не биде преземен од Кина, што, пак, говори дека регионот веќе е под одредено економско влијание на Пекинг, кое ги слабее американските позиции. Американците на овој начин ќе се обидат и да ги намалат тензиите во отворените прашања што се активни во Босна и во Косово, а истовремено ќе се обидат да ги стивнат амбициите за влијание надвор од границите на нивните земји на одредени балкански елити – вели професорот
Вит. Кратко кажано, ова е враќање на Америка во регионот по брза постапка и на голема врата.
Лондонскиот политички аналитичар, кој е и поранешен дипломат, Илија Рубанис коментирајќи ги состојбите анализира дека ова не е првпат во историјата на дипломатско дејствување на Вашингтон да се изврши голем рез на амбасадори во повеќе земји наеднаш.
– Сето тоа е сведоштво дека САД имаат конкретна визија за Балканот и имаат јасна агенда, која можеме да ја видиме наскоро во периодот кога ќе започне да работи дипломатската „машинерија“ на Америка – вели Рубанис. Тој прогнозира дека, дејствувањето на Американците во периодот што следува ќе се окарактеризира со остри и негативни дипломатски политики насочени пред сѐ кон руските и кинеските центри и инсталации на моќ, кои веќе очигледно добро се размрежени во регионот.
– Балканот отсекогаш бил местото каде што американската администрација ги испраќала своите врвни дипломати, а од тука тие потоа заминуваат да менаџираат потешки светски подрачја како земјите од Блискиот Исток или оние во Азија околу Кина и Северна Кореја – вели Рубанис.
Тој потсетува дека, освен Америка пред неколку години ваков сличен дипломатски чин имаше и Франција, која исто така во најголем дел ги смени своите дипломати во регионот, особено за времето на претседателот Франсоа Оланд.
Рубанис вели дека освен што овие американски дипломати ќе се судрат со Москва и со Пекинг на Балканот, се претпоставува дека ќе има и „искри“ на тензии со естаблишментот на ЕУ, бидејќи Брисел во изминатиов период има различна перцепција од онаа на Вашингтон за геополитиката.
Разновидни дипломатски и политички механизми на САД наменети за Балканот
Д-р Орхан Драгаш од Меѓународниот институт за безбедност од Белград истакна дека Габриел Ескобар неодамна многу отворено нагласи дека САД (а не НАТО) имаат разновидни дипломатски и политички механизми за да се спротивстават на влијанието на Русија (но и на деструктивните постапки на Србија) во Црна Гора, споменувајќи ги индивидуалните санкции и политичката изолација.
– Со нејзиниот нов тим на Балканот, Америка ќе дејствува сама и во свое име, а ако ѝ биде потребна помош за што било, таа ќе ја најде во ЕУ (преговорите помеѓу Белград и Приштина), НАТО (Црна Гора) или во конкретен западен сојузник, на пример Германија, кога станува збор за Босна и Херцеговина. И веројатно нема да ја препушти „работата“ на кој било друг сѐ додека не биде завршена на начинот за кој зборуваше Колин Пауел.
Професорот Вит вели дека она што се случува во моментот, најверојатно, е јасна демонстрација дека Вашингтон формира подиректен дипломатски канал на информации до балканските земји.
– Институционалната промена во смисла на носењето дипломати од кариера во регионот значи дека Америка ќе се обиде да ги затвора секогаш отворените прашања на сите балкански држави. Тоа е така бидејќи фокусот на битката со „непријателот“ на САД во економска смисла е во Индопацификот и целиот механизам на Вашингтон за економски и политички „судир“ со Пекинг ќе биде сконцентриран во Азија. Искусните дипломати во регионот само ги сечат пипалата на суперсилите што ѝ се ривали на Америка – вели професорот.
Долгогодишниот дипломат и прв македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, вели дека она што во моментов се случува е воспоставување мрежа на американски дипломати во регионот, кои се специјалисти за решавање глобални и регионални конфликти.
– Самото назначување за Кристофер Хил да биде на Балканот, значи дека околу него во сите амбасади во регионот ќе се формира еден одличен тим од професионални дипломати што си ја знаат работата и кои во суштина имаат екстремно искуство во справување со комплицирани релации со држави во светот. Хил е голем познавач на состојбите бидејќи интимно го знае нашиот регион. Тој ќе биде шефот и центарот на дипломатското разузнавачко ново одделение, кое сега го поставува Стејт департментот тука – вели Арсовски.
Дипломатот посочува дека центарот за американската дипломатија на Балканот најверојатно ќе биде раководен од Белград и тоа е така со причина.
– Србија е државата каде што тесно се испреплетуваат интересите на големите сили. Таму воено е присутна со технологија Русија, а Кина има свои економски инсталации. Нормално е дека во една таква корелација на состојбите и Американците ќе се обидат сега да се доближат до Белград и да влијаат од нивна перспектива на случувањата на неговите политики – вели Арсовски.
Што се однесува до Македонија, дипломатот вели дека ова се добри вести за нас.
– Тоа го тврдам така бидејќи Хил важи за близок пријател на земјата, односно сега тој како раководител на американските интереси во регионот ќе може силно да мониторира што прави Софија во овој контекст на настаните – заклучува тој.