Пресврт на настаните и кривичен прогон за лицата обвинети за воени злосторства доколку за нив се пронајдат и обезбедат нови докази?
За воените злосторства и злосторниците што ја одбегнале правдата
Обвинителите на Меѓународниот трибунал во Хаг, истражувајќи дела во случај за сторени воени злосторства против некогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај во Албанија, откриле материјални докази за постоењето и функционирањето на т.н. Жолта куќа, позната во јавноста по постоењето индиции за шверц со човечки органи. Токму тие докази се обезбедени во истражните дејства за кои се гонат поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и други високи припадници на некогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК).
Американски дипломати, правници и поранешни обвинители клучни за доказите
Некои од обезбедените материјали, за кои хашкото обвинителство е уверено дека ќе имаат вредност на материјални докази, наводно „биле пронајдени, обезбедени и чувани повеќе од шест месеци, односно сѐ додека не се создале неопходните околности за натамошен прогон на лица осомничени за воени злосторства и за дела против човештвото.“
Во изјава за јавноста Владимир Вукчевиќ, поранешниот српски јавен обвинител, инаку своевремено првиот човек на Обвинителството за воени злосторства, вели дека своите први докази за овие злосторства ги добил во соработката со неговите колеги во Албанија.
– Сѐ што е пронајдено во Албанија е фотографирано, а на самото место беше утврдено дека станува збор за медицинскиот отпад, за кој, меѓу другото, локалните Албанци тврдеа дека потекнува од животни. Меѓутоа форензичарот Хозе Барабар, кој зел примероци од теренот, заклучил дека „станува збор за човечка крв“. Сите собрани докази по истрагата биле однесени во Хашкиот трибунал – изјави Вукичевиќ.
Тој појаснува дека собирањето на доказите било тежок процес, бидејќи албанското обвинителство одбивало да соработува, но во целата загатка своја важна и поддржувачка улога имале и странските дипломати, особено американските дипломати Клинт Вилјамсон и Сен Лазаро, кои по вокација биле обвинители.
Политичка вмешаност за амнестијата за четирите хашки случаи во Македонија
Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски во својот осврт на гореспоменатите настани е дециден дека иако т.н. хашките случаи кај нас завршија со своевидна амнестија, со која се спречи натамошното кривично гонење на осомничените, тоа, сепак, не е доволен аргумент во иднина ако излезат нови докази за овие дела, обвинетите да не се гонат од домашни и странски судски инстанци по примерот на настаните во соседно Косово и Албанија.
– Во времето кога Уставниот суд работеше на оваа проблематика, околу уставноста на овие настани, морам да подвлечам дека судиите беа поделени во нивните заклучоци. Па, во тој правец, и тогаш и сега, тврдам дека амнестијата на осомничени за дела против човештвото, воени злосторства и, општо, хуманото прашање се должи на политичката вмешаност во правосудството и правната држава. Но во иднина сѐ е можно, тоа го гледаме во соседството во работата на Меѓународниот трибунал. Па, оттука не ја исклучувам можноста ако се стигне до нови докази за нови случаи на оваа тематика, гонењето да продолжи и во домашни судски инстанци и во меѓународни – вели судијата.
Тој резимира дека делата од оваа проблематика се исклучително тешки за решавање, па затоа и никогаш не застаруваат во меѓународната практика и таа не познава никаква амнестија за овие чинови.
Ако се амнестирани сторителите, не значи дека нема да се отворат нови предмети
Слично размислува и бившиот претседател на Врховниот суд Дане Илиев, кој, пак, додава дека иако четирите хашки случаи се амнестирани, тоа не значи дека не е можно да се отворат нови предмети за слични дела против човештвото за лицата поранешни членови на ОНА, ако, нормално, се наиде на евидентни докази ако државните институции ја истражуваат оваа проблематика.
– Нови докази може да „заживеат“ сосема нови истраги за воени злосторници што ја одбегнале правдата – вели Илиев.
Тој подвлекува дека оваа проблематика е тешка, а иако политичките партии начелно при изборите секогаш силно говорат за спроведувањето на правдата, сето тоа избледува по извесно време.
Илиев вели дека во моментов сѐ уште не гледа опипливи чекори во очекување прогон за делата за воени злосторства од 2001-та.
– Кога оваа политичка гарнитура доаѓаше на власт, се ветуваше дури и меѓународна истрага за Диво Насеље, но ништо од тоа не се случи – вели судијата.
Илиев резимира дека иако политичките гарнитури некогаш немаат интерес да поттикнат работа на оваа проблематика, медиумите се тие што секогаш треба да пишуваат за настаните и да ја извршуваат својата мисија со професионален ангажман, генерирајќи демократски притисок и потсетување дека злосторствата против човештвото не треба да се заборават.