Новата американска амбасадорка Кејт Мери Бирнс вчера пристигна во Македонија придружувана од нејзиниот сопруг капетан Скот Гајџ. Taa го почна првиот работен ден, преземајќи ја функцијата од в.д. амбасадорката Микаела Швајзер Блум, информираат од американската амбасада во Скопје.
Бирнс доаѓа на местото на поранешниот амбасадор Џес Бејли, кој од функцијата замина во март годинава, а според најавите, се очекува новата амбасадорка во текот на оваа недела да му ги предаде акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.
За потсетување, амбасадорката Бирнс неодамна имаше свое видеообраќање пред преземањето на должноста кога порача дека е почестена што ќе ги претставува САД и оти ќе работи на зацврстување на врските меѓу двете земји и на интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ.
– Веќе 25 години работам како американски дипломат на промоција на безбедноста, напредокот, почитта на човековите права и различности, владеењето на правото и отворените пазари. Возбудена сум да ја продолжам оваа работа во Северна Македонија. САД се горди на силното пријателство со луѓето од Северна Македонија.
Ги цениме храброста и професионализмот на вашите војници и очекуваме да ве поздравиме како 30-та членка на НАТО. Почестена сум што ја имам можноста да ја зацврстам врската помеѓу нашите две земји. Северна Македонија сега е на својот одбран пат кон НАТО и ЕУ. Тимот во Амбасадата на САД во Скопје и јас ќе работиме за да ѝ помогнеме на Северна Македонија на овој пат и да создаваме нови можности за напредок преку нашата соработка и програми за размена, мировниот корпус и мисијата на УСАИД. Сакаме да продолжиме со придонес кон вашата позитивна иднина – наведе Бирнс.
Во заедничката видеопорака со нејзиниот сопруг Скот Гејџ, тие истакнаа и дека со нетрпение чекаат да ги посетат познатите локалитети во земјава, да научат за богатата и разнолика културна историја.
– Од Старата чаршија до кањонот Матка, Шарената џамија во Тетово, Охридско Езеро и повеќе… Возбудени сме да искусиме сѐ што има да понуди вашата земја. Очекуваме заедно да ги изодиме овие патеки – изјави новата американска амбасадорка.
Бирнс во нашата земја доаѓа од Атина каде што ја вршеше функцијата заменик-амбасадорка во Грција. Претходно, таа била заменик-шефица на мисија и заменик-постојана претставничка на Мисијата на САД во ОБСЕ во Виена. За време на нејзината кариера, била советничка за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Мадрид, била виша цивилна претставничка на Одделот за државни функции во оперативната група Бастон/Бронко во Авганистан. Работела како советничка за јавни работи во Мисијата на САД во НАТО во Брисел, Белгија, од 2007 до 2010 година.