Политичката практика секаде во светот, но и експертската јавност кажуваат дека не постои пример на држава во светот каде што името на државата било предмет на референдумско изјаснување. Според експертите, спорот што се води со Грција е за наша деноминација, а тоа води кон денационализација, односно кон оспорување на македонскиот идентитет. Името на државата е наследено и идентитетско, а не референдумско, тврдат тие
Македонската јавноста деновиве е пречувствителна на секоја иритација поврзана со наметнатиот спор од Грција околу името на државата и идентитетот на нацијата, особено по актуализирањето на идејата за организирање референдум на кој граѓаните би се изјасниле за евентуално предлог-решение, усогласено меѓу преговарачите и посредникот Нимиц. Пинг-понг состојбата меѓу Атина и Скопје во разговорите за спорот, која се користи на дневна основа за манипулација, но и како обид за испитување на јавното мислење за евентуалното решение веќе со денови и со месеци е главна политичка тема во двете земји. Тоа што отвора нови дилеми се изјавите дека евентуалниот постигнат компромис меѓу двете земји произлезен од разговорите прво ќе биде ратификуван во македонското собрание, а подоцна ставен и на референдум пред граѓаните.
Ваквиот состав на околностите за обичниот граѓанин во исто време отвора низа нејаснотии околу референдумот како крајна опција, која во исто време се споменува во говорите на двете најголеми политички партии од власта и од опозицијата. Политичката практика секаде во светот, но и експертската јавност кажуваат нешто сосема друго. Не постои пример на држава во светот каде што името на државата било предмет на референдумско изјаснување.
Во тој контекст „Нова Македонија“ побара мислење од видни експерти од полето на меѓународната дипломатија, уставното право и од МАНУ за можните предизвици, евентуалните опасности и последиците од еден ваков чекор за кој политичкиот врв размислува. Професорката од Правниот факултет, Гордана Силјановска, која предава Уставно право и Политички систем на прашањето колку е политички, историски и правно издржано да се става на референдум име на држава, вели дека тоа го нема никаде во светот, име на држава да се менува на референдум.
– Името „Република Македонија“ не е резултат на референдумско изјаснување, ниту на собраниско одлучување, туку е неразделно и природно поврзано со идентитетот на македонскиот народ (социолошка и културна категорија), кој, по вековна борба за национална држава, врз основа на правото на самоопределување (кое го подразбира изборот на името на државата, јазикот и симболите) успеал, на АСНОМ и во рамките на Уставот од 1946 година да го конституционализира своето име. Значи, ние сме го наследиле името на народот од многуте генерации пред нас, а не сме го изгласале, а името на државата има континуитет од АСНОМ до денес. Нашата држава не се вика античка Македонија, туку Република Македонија. Префиксот „република“ од правен аспект е диферентиа специфица во однос на Македонија како географски и/или историски ентитет – вели Силјановска. Професорката објаснува дека спорот што се води со Грција е за наша деноминација, а тоа води кон денационализација, односно кон оспорување на македонскиот идентитет.
– Никаде во Уставот на Република Македонија не е споменат референдум за името. Ни Собранието нема надлежност да одлучува за името. Има за влезот во ЕУ, по што ќе следува референдум, но секое поврзување на прашањето за името со прашањето за ЕУ-интеграцијата, во рамките на исто референдумско прашање крие опасност од сугестибилност и каприциозност и како такво е замка – додава професорката.
Силјановска, сепак, истакнува дека постои уставна одредба за задолжителен референдум, но тоа е единствено доколку се соберат 150.000 потписи. Тоа, пак, според неа, е незамисливо доколку се однесува на името бидејќи, според Силјановска, никој не може да одлучува за името за сите минати и идни генерации. Професорката по Уставно право на прашањето дали во исто време се можни замки при формулирањето на референдумското прашање додава дека тоа е можно и опасно во исто време доколку „манипулативно“ се состави и се комбинира со влез во НАТО и почеток на преговори за ЕУ, зашто може да доведе до опасни поделби во и така поделеното општество.
И академик Митко Маџунков е дециден дека името не треба да се менува по никоја цена.
– Името не треба да се менува, тоа е вистинска капитулација на Македонија. Светот да има правни аргументи веќе ќе нѐ притиснеше тоа да го направиме со сила. Меѓутоа, бидејќи ги нема тие аргументи нашата страна значи самата македонска политика треба да капитулира за тие да се почувствуваат безгрешни. Сега кога ќе го потпишеме ова, ако го потпишеме ќе дојде на ред албанската платформа со која ќе се воведе двојазичноста, а двојазичноста значи дека Македонија има еден признаен јазик што е албанскиот и еден јазик во исчезнување тоа е македонскиот. Самиот факт дека се извршени сите подготовки, подготвителни вести како онаа со Бугарија божем за пријателски односи итн., и оваа албанската платформа зборуваат дека ние де факто сме окупирани и дека лошо ни се пишува – истакнува Маџунков.
Марио Шаревски магистер по геополитика, кој титулата ја има стекнато на Карловиот универзитет во Прага објаснува дека за вакво суштинско прашање, кое е значајно и ја допира нашата слобода нема воопшто разумна основа за референдум.
Заев: Блиску сме до можно решение
Блиску сме до можно решение на овој процес, изјави вчера премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашање за разговорите за името на седницата за пратенички прашања.
– Според мене, блиску сме до можно решение на овој процес и верувам дека треба да бидеме внимателни до самиот крај. Јас се трудам да информирам комплетно сѐ дотаму до каде што не би го загрозил процесот.
Верувам дека тоа го прави и грчката страна. Вчера дадов дел од информациите. Се трудиме навистина да привршиме во соодветен момент за тоа да влијае на Советот на ЕУ, на 28 и на 29 јуни, а секако и на автоматската покана за НАТО – рече премиерот.
Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот зошто беше одбиен предлогот „Република Илинденска Македонија“, дали е точно дека Владата во разговорите прифатила ерга омнес за кој било предлог во иднина и дали има гаранција дека доколку прифатиме промена на името дека ќе добиеме датум за преговори.
– За да го соопштиме решението „Република Илинденска Македонија“ прво јас и премиерот Ципрас заклучивме дека ова е вредно да го провериме дома. Значи до толку сме биле усогласени да можеме да влеземе дома и тоа да го провериме. За жал, не помина во Грција, но, за жал, беше одбиено и овде од опозицијата – рече Заев пред пратениците. Тој го спомена и референдумот нагласувајќи ја неговата важност.
– И важен е. И за нас е важен референдумот. Добро е што заедно сме застанати зад ова прашање. Дека на крајот на денот граѓаните ќе одлучат – истакна премиерот.
Иванов не прифаќа ерга омнес, ниту промена на Уставот
Претседателот Ѓорге Иванов го прими вчера министерот за надворешни работи Никола Димитров, при што разговарале за последните случувања околу преговорите меѓу Македонија и Грција за името.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, Димитров усно го информирал шефот на државата за последните случувања поврзани со разговорите за прашањето за разликата околу името, без притоа да приложи каков било писмен документ.
Претседателот Иванов, се додава во соопштението, на средбата истакнал дека, не придржувајќи се кон законските одредби за склучување меѓународни договори, целиот процес личи на личен договор меѓу двајцата премиери.
– Целиот процес личи на личен договор меѓу премиерот Заев и премиерот Ципрас, за што нема обезбедено национален консензус во Република Македонија. Мојот став е дека не прифаќам решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес – изјави македонскиот претседател на средбата.
Иванов истакнал дека склучувањето меѓународен договор треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена.