Точно ќе се знае кое ниво на функционер со каков имот и какви картички може да располага, најави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Тој денеска презентираше што содржи вториот приоритет од владината рамка „Акциски план 21“, со кој е предвидено да се донесат европските стандарди дома.
– Во владина постапка веќе се влезени неколку уредби со коишто ќе се ограничи и намали користењето на службените картички, автомобилите и останатиот имот со кој располагаат функционерите – рече Николовски.
Според него, така ќе се спречи злоупотребувањето на државните ресурси.
– Преку креирање на единствен регистар на недвижности за сè што е во државна сопственост, како и преку регистарот на подароци ќе придонесеме за домаќинско управување со државниот недвижен имот. Така ќе се зголеми и нивото на одговорност на носителите на јавни функции – рече Николовски.
Освен тоа, во првата половина на годината во соработка со УСАИД ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници.
Меѓутоа, она што е најавено со Акцискиот план 21 е и воведување телефонска линија на која ќе може граѓаните и правните лица да пријават ненавремено постапување на надлежните институции, по однос на поднесените барања.
Николовски најави и дека во секое министерство ќе се бира најдобар административец на годината за да се јакне свеста за препознавање на корупцијата.