Фото: Игор Бансколиев

Ако една држава го вакцинира целото население, сосе возачи, угостители, келнери, и слично, тогаш, зошто би се грижела дали гостите што доаѓаат однадвор се вакцинирани? Затоа не можам да сфатам зашто туристичките земји го бараат тоа. Едноставно, нека ги заштитат со вакцина своите луѓе и ќе немаат опасност од туристи, смета професорот Пановски

ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ПОСТИГНАА КОНСЕНЗУС ЗА СЕРТИФИКАТ ЗА ВАКЦИНИ

Една година по пандемијата, европските граѓани страдаат од целосен замор поради коронавирусот, порачаа лидери на ЕУ деновиве. Дури и самите лидери изгледаа мошне исцрпени бидејќи нивните напори за управување со кризата постојано се спречуваат или одложуваат. По долгата видеоконференција, шефовите на државите и на владите на ЕУ, изјавија дека постигнале консензус за создавање стандарден дигитален „сертификат за вакцини“, кој треба да помогне во олеснувањето на ограничувањата на границите, како и да помогне патувањата да заживеат.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, рече дека сè уште има голем број научни, технички и политички пречки, вклучувајќи ја и неможноста лидерите да се договорат за основното прашање – за што точно ќе се користат сертификатите. Според неа, според процените, би биле потребни три месеци за развој на новата технологија, а од друга страна малку луѓе во ЕУ се вакцинираат.
– Досега, само 6,4 проценти од населението во ЕУ примиле вакцина – рече Фон дер Лејен на прес-конференција.

Предлогот за сертификат за вакцинација беше инициран од Грција и беше поддржан од земји чии економии живеат од туризам, како што се Шпанија, Малта, Италија, Кипар, како и Австрија и Естонија. И германската канцеларка Ангела Меркел кажа дека сертификатот за вакцинација засега не е приоритет со оглед на ниското ниво на вакцинација на населението.
Интересно е да се види и кој е македонскиот агол на гледишта во однос на овие актуелни случувања поврзани со сертификатите за вакцинација.
Професорот Никола Пановски од Медицинскиот факултет е скептик околу сертификатот за кој постигнале консензус шефовите на државите на ЕУ.
– Нема како да се докаже дека некој прележал ковид-19. Имате многу асимптоматски случаи, има луѓе што немале симптоми. Како ќе се знае точно дали и кој го прележал вирусот? Од друга страна, има деца, што со нив? Не можеме да патуваме без децата. Со ваков еден документ би се нарушиле основните човекови права. Ако една држава го вакцинира целото население, сосе возачи, угостители, келнери, и слично, тогаш, зошто би се грижела дали гостите што доаѓаат однадвор се вакцинирани? Затоа не можам да сфатам зошто туристичките земји го бараат тоа. Едноставно, нека ги заштитат со вакцина своите луѓе и ќе немаат опасност од туристи – смета Пановски.
Меѓу другото, лидерите на ЕУ на состанокот признаа дека имаат крајно ограничена контрола врз ситуацијата.

„Мислам дека мора да се соочиме со вистината дека навистина е тешка ситуацијата“, рече претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел.
Според него, постои значителен притисок во сите земји-членки, во кои населението има големи очекувања од лидерите дека ќе можат да направат повторно слободно да живеат. На состанокот било заклучено дека следните неколку недели ќе продолжат да бидат тешки што се однесува до вакцините.


Дебати про и контра

Додека лидерите на Европската Унија дебатирале за идејата дека пасошите за вакцини можат да бидат разединувачки и дискриминирачки, некои земји на овие пасоши укажуваат како на излез од сериозно погодената туристичка и авиоиндустрија, други се скептични поради малиот процент од светската популација на вакцинирани.
Шведска и Данска веќе објавија електронски сертификати што можат да им овозможат на оние што ги имаат да патуваат во странство, да присуствуваат на спортски или културни настани, па дури и да вечераат во дански ресторани. Исланд започна да издава дигитални сертификати за вакцинација во јануари за да го олесни патувањето.
Светската здравствена организација е против користењето вакцинални сертификати бидејќи сè уште има критични непознати работи во врска со ефикасноста на вакцинацијата во намалувањето на преносот, како и ограничената достапност на вакцините.