На почетокот на седницата само беше констатирана оставката на досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, кој, ете, по своја волја пропушти да се запише во историјата и, како што самиот претходно ги убедуваше своите колеги, да гласа за спогодбата со Грција

Почетокот на 73-та пленарна собраниска седница, на која некако ѝ се наметнува атрибутот „историски пресвртна“ (за некои во позитивен, додека за други во негативен контекст), беше закажан за вчера, во 12 часот. На неа пратениците требаше да ги утврдуваат предлог-амандманите на Уставот на Р Македонија, обележани како 33-от, 34-от, 35-от и 36-от амандман, по што следува нивно донесување. За изгласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во законодавниот дом. Но „историската“ седница, вчера најмалку од сѐ имаше некакво историско обележје, дури напротив само што почна истата таа заврши и беше одложена за по 16 часот. На седницата само беше констатирана оставката на досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, кој, ете, по своја волја пропушти да се запише во историјата и, како што самиот претходно ги убедуваше своите колеги, да гласа за спогодбата со Грција. Наместо тоа, Тунтев одбра да поднесе оставка од пратеничката функција и „историската“ улога да им ја препушти на другите, а тој да се префрли на друго помирно и поплатено работно место. А зошто се повлече баш вчера ,односно пред „историското“ гласање во Собранието останува нејасно.

Иако пред почетокот на седницата, Александар Кирацовски, пратеник и генерален секретар на СДСМ, изјави дека владејачкото мнозинство успеало да убеди 80 пратеници (и некој повеќе) „дека иднината на РМ е единствено во НАТО и ЕУ, а тоа е условено со Преспанскиот договор и уставните измени“, претседателот на Собранието, Талат Џафери, по отворањето на седницата го одложи почетокот за 16 часот. Имено владејачката СДСМ, пред последниот круг на гласање за уставните измени спроведува „тактички“ измени во својот пратенички состав. Поради оставката на Томислав Тунтев, досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ, требаше да биде спроведена процедура во ДИК и во Собранието за престанување на неговиот пратенички мандат и да се констатира дека до наредните парламентарни избори тој мандат преминува кај Рубин Земон, наредниот од листата на СДСМ и коалицијата. Процедурата на примопредавање на пратеничкиот мандат беше спроведена, но овие маневри во редовите на СДСМ, речиси во „90-та минута од натпреварот“, отворија во тие моменти извесни сомневања во извесноста на двотретинското мнозинство. Или можеби сомневања за „грижа на совеста“ и бегање од одговорноста на некои пратеници.

Секако, во текот на претходниот ден пред почетокот на седницата, премиерот Заев изјави дека им излегол во пресрет на дел од амандманските барања на албанските партии, Алијанса за Албанците и на Беса, со што практично беше потврдено двотретинското мнозинство. Додека се чекаше почетокот на седницата, во медиумите се појавуваа шпекулации од „сигурни извори“ дека е обезбедено за уставните измени да гласаат 80 пратеници (можеби уште еден или двајца), но дека на тоа мнозинство нема да се додадат нови гласови од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме тоа го потврди и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој пред парламентот изјави дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да учествуваат во тој процес, и на собраниската седница, како политичка партија нема да дадат легитимитет за промената на Уставот, затоа што таквите измени немаат легитимитет од граѓаните.

Од мигот кога беше закажан првиот термин за почеток на седницата, пред Собранието почнаа и протестите против уставните измени и Преспанскиот договор.


Мицкоски: Името не го менуваат граѓаните туку 80 уценети пратеници

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред Собранието изјави дека седницата на која треба да се изгласаат уставните измени е „финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство“.
– До промената на Уставот за промена на уставното име се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски. Останува запишано дека името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени по пат на уцени и закани.
Оваа Влада го губи легитимитетот затоа што спроведува политика, која нема легитимитет од граѓаните.