Истражувачка екипа на „Нова Македонија“ деновиве ги обиколи кризните подрачја во Скопскиот Регион, каде што во август 2016 година имаше поплави и се случи голема трагедија. Пет години подоцна, сликата повторно е вознемирувачка и застрашува. И денес има неисчистени канали целосно обраснати со густа вегетација, полни со најразличен отпад. Доволен е само еден пообилен дожд за да се отвори можност за повторување на кобното сценарио од пред пет години, кога во налет на водната стихија загинаа 22 наши сограѓани
АЛАРМ И ДО ГРАЃАНИТЕ И ДО ИНСТИТУЦИИТЕ
Наскоро се навршуваат пет години од силните поплави што се случија во неколку скопски општини, кои однесоа голем број човечки животи. Последиците беа ужасни, а сето тоа поради човечката негрижа и неисчистените одводни канали. По тој повод, истражувачка екипа на нашиот весник ги обиколи подрачјата што тогаш беа погодени, со цел да видиме какви се состојбите денес.
Сликата што ја затекнавме на терен е повеќе од алармантна и вознемирувачка.
Повторно каналите се преполни со ѓубре и бујна вегетација, и тоа со голо око може да се забележат на повеќе различни локации. Според мислењето на познавачите со кои се консултиравме, доволен е само еден пообилен дожд за да се предизвикаат поплави со големи штети и последици. Како да не е научена лекцијата од минатото, кога од невремето што се случи на 6 август 2016 година најпогодени од поплави беа населените места Сингелиќ, Стајковци, Црешово и Арачиново, а поплави претрпеа и Инџиково и Брњарци. Од настаните што се случија тогаш како да не се извлече поука. И сега во некои скопски општини има неисчистени канали за кои граѓани реагираат дури и на социјалните мрежи.
Огромна каналска мрежа чека за чистење
Градоначалникот на Општина Гази Баба тврди дека неисчистените канали се одговорност на АД „Водостопанство на Македонија“, на кое општината му префрлила пари за чистење на каналите и каналската мрежа, но нема никаков повратен ефект за тоа. Обврска на ова друштво се и каналите на Штипскиот, Струмичкиот, Валандовскиот, Брегалничкиот, Кумановскиот Регион итн. Од АД „Водостопанство“, пак, признаваат дека располагаат со ограничена механизација, иако изминатиов период многу подружници на друштвото работеле под полна пареа. Од ова претпријатие велат дека машински биле исчистени 5.650 метри и рачно 250 метри, односно вкупно 5.900 метри каналска мрежа за одводнување во општината Петровец, каде што бил исчистен Огњанечкиот Канал во должина од 600 метри. Во Берово се чистела тревна вегетација на Тиролскиот зафат од реката Брегалница, а неодамна во Радовишко Поле се чистела отворената каналска мрежа од земјен нанос и обрасната трева, како на десниот така и на левиот отворен канал, со вкупна должина од 29 километри.
– Ние како општина имаме потпишано договор, односно сите општини што припаѓаат во скопскиот плански регион, особено општините Илинден, Гази Баба, Арачиново, Петровец…, имаме потпишано договор со АД „Водостопанство на Македонија“ на близу четири милиони денари на годишно ниво за чистење. Досега, освен во дел од Трубарево и дел од Инџиково, ништо друго не е исчистено. Им пратив и известување за комплетната моментална состојба што ја имаме, во функција спрема договорот што го имаме. Ние сега немаме проблеми со поројни дождови, ама имаме проблеми со бујна вегетација. Лани го исчистивме одводниот канал во Сингелиќ, ама проблемот со бујната вегетација мора да го решат комплетно. Само на нашата територија имаме околу 300 километри канали и каналска мрежа. Имаме над 25 одводни канали, а каде се секундарните, овој што доаѓа од Камник, овој кај Финскиот парк, Инџиково итн. Има Јурумлерски Канал, Брњарски Канал, Трубаревски Канал со примарна и секундарна мрежа, внатре во селата и да не ги редам. Не сакам да ја префрлам топката, ние имаме усвоена програма, но тие во дадената состојба се далеку повеќе на задача и одговорност – вели Борис Георгиевски, градоначалникот на Општина Гази Баба, додавајќи дека повторно ќе се обрати до АД „Водостопанство на Македонија“.
Ова друштво е одговорно за чистењето на каналите на територијата на целата држава, а тоа ни го потврдуваат и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– За каналите за наводнување надлежни се од АД „Водостопанство“, а реките ги чистат и општините, зависи за кои канали конкретно. Министерството не е надлежно за чистење на каналите и не прави надзор – вели Трајан Димковски, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.
Во најава формирање ново меѓуопштинско претпријатие
Од АД „Водостопанство“ тврдат дека ја почнале сезоната и почнале со чистењето на каналите за наводнување.
– Изминатиот период, заклучно со месец мај, приоритетно ги чистевме каналите за наводнување за да можеме да ја почнеме сезоната. Располагаме со ограничена механизација и во наредниот период ќе продолжиме и со другите активности – рече Васко Стефанов, главниот извршен директор на АД „Водостопанство“.
Сепак уште многу работа му претстои на друштвото кога е во прашање чистењето на каналите, а тие се многу на територијата на земјава.
– Ако чекаме само на едно друштво, и да се направат реформи во него, да се опреми ќе биде многу тешко. Првата работа е дали ќе можат воопшто да одговорат на предизвикот да излезат и да ги исчистат сите канали и да ги стават во нормална состојба. Втората работа, општините Гази Баба, Арачиново, Илинден и Петровец сериозно размислуваат за меѓуопштинско претпријатие, кое исклучиво сами ќе го формираат и сами ќе го одржуваат, бидејќи многу канали имаме во Македонија. Тоа е системското решение за кое размислуваме. Поединечно кога би се впуштиле во решавање на проблемот ќе биде парцијално решавање. Ние имаме јавно претпријатие, ама за чистење на јавните површини, не за канали и каналски мрежи. Системски треба да се бара решение, не парцијално да се одговара, бидејќи проблеми има и кај Нерези, Лепенец и Волково, а каде се Штипскиот, Струмичкиот, Валандовскиот, Брегалничкиот, Кумановскиот Регион итн.
Имаме премногу обврски кон каналите, навидум така се гледа, ама поплавите од 2016 година нѐ научија на некои нови правила – смета градоначалникот Георгиевски, потсетувајќи дека од поплавите во Стајковци имаше 22 човечки жртви и незапамтена ерозија се закануваше.
Токму затоа тој смета дека со надлежните од Министерството за животна средина треба да се разговара и да бараат решенија не само за чистење на каналите и каналската мрежа туку и за превентивните мерки и издигањето на свеста, како и за други решенија за да не дојде до такви последици. На пример, тој смета дека треба да се пошумува на Скопска Црна Гора, потоа да се направи стратегија околу делот на можни влијанија за наредните години.
– Мора да бидеме многу понапред. За уредувањето имаме решение, видете ги соседните држави и државите во Европа, природни ресурси употребуваат, како камен, и ги уредуваат речните корита и канали и ги ставаат во една крајна ситуација каде што не расте вегетација, а водата истекува. Во мојот тим размислуваме и за такви работи – дециден е Георгиевски.
Токму летниот период е карактеристичен по силни и обилни дождови, какви што имаше и неодамна. Во таа насока што поскоро треба да се преземе координирана акција за отклонување на сите потенцијални кризни точки, со цел превенирање и избегнување евентуални штети и трагични последици.