Кога и доколку дојде договорот, ние ќе си заминеме од министерствата, рече заменик министерката за одбрана на Грција, Мариа Коља-Царуха од редовите на Независни Грци во интервју за солунското радио „Фокус ФМ“.
-Ние ќе си заминеме од владата кога ќе ги видиме потезите на господинот премиер во врска со ова прашање. Кога? Може многу брзо, може … сѐ ќе зависи од тоа кога ќе реши господинот Ципрас, доколку самиот реши, ова е големо политичко и национално прашање, сакам да верувам дека одново ќе го разгледа – рече заменик министерката за одбрана на Грција.
Коља-Царуха додаде дека „другата страна не се држи до тоа што беше договорено“, и истакна дека станува збор за прелиминарен договор меѓу двајца министри, а не договор, бидејќи, како што објасни не бил ратификуван од парламентите на двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
-Не сакав да се склучи овој договор. Ние се најдовме во влада со еден министер, господинот Коѕијас за кој на почетокот верувавме и верував дека се обиде за некои работи, но понатаму се појавија различни елементи во овој договор за кои ние, не се согласуваме, а генерално со терминот Македонија. Едноставни се работите, не можеме да ги направиме поедноставни – истакна Коља-Царуха за грчкото радио.
Во однос на нејзиниот сопартиец и пратеник Танасис Папахристопулос, кој од прв момент јавно изјави дека ќе го поддржи договорот и ќе го отстапи пратеничкото место, Коља-Царуха објасни дека биле направени големи напори за да се премисли, но тој си останал на неговиот став.