Владата ги отфрла тврдењата во некои медиуми за наводни поделби и разногласија. Тврди дека е единствена и посветено работи на решавање спорови, како и на јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија.
Како што вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски, не постојат никакви поделби во Владата на Заев.
– Премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и целокупниот состав на Владата на Република Македонија се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија, вели Бошњаковски.
Според него, Владата и сите нејзини членови заедно дејствуваат кон исполнување на стратешкиот идентитет на Република Македонија, членство во НАТО и ЕУ и низ тој процес на обезбедување подобар живот на сите граѓани на нашата земја.