Граѓаните со кои разговаравме се задоволни од организацијата на изборниот процес и од преземените безбедносни протоколи за заштита од коронавирусот
ЕКИПА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“ НА ТЕРЕН ВО ЕКОТ НА ГЛАСАЊЕТО
Репортерска екипа на „Нова Македонија“ вчера, за време на гласањето, изврши обиколка на повеќе избирачки места во шест населби во главниот град, за да ја согледа и пренесе атмосферата што владееше на избирачките места и меѓу граѓаните за време на изборниот ден.
Првото гласачко место до кое пристигнавме беше сместено во скопската населба Карпош. Претседателката на избирачкиот одбор Наташа Пејовска, на изборното место 2.609, лоцирано во училиштето „Владо Тасевски“ изјави дека гласањето во текот на денот минувало мирно и во согласност со безбедносните правила и стандарди пропишани од државата во кои се спроведуваат овие избори.
– Ова гласачко место има околу 800 граѓани. Динамиката на гласањето беше поголема во утринските часови, а значително се намали во текот на попладнето – вели Пејовска.
Таа објаснува дека гласањето минувало во нормален ред, како и на минатите избори, а граѓаните целосно ги почитувале пропишаните мерки, најпрвин се дезинфицирале, па потоа на безбедно растојание гласале на избирачкото место.
Слично беше и во скопската населба Топанско Поле, каде што се гласаше во основното училиште „Адем Јашари“. Во дворот на училиштето беа видливи уредно построени граѓани, кои еден по еден и во мали групи влегуваа во просториите на училиштето да гласаат.
Ветон Кодра, граѓанин што гласаше, изјави дека начинот на кој се спроведени овие избори за него е доказ дека државата, и покрај опасноста од пандемијата, може да биде стабилна и демократска.
– Морам да изразам задоволство дека и оние што го спроведуваа гласањето, но и полицајците, помогнаа процесот да се одвива брзо и безбедно. Јас лично сум задоволен, иако навистина бев загрижен дали сѐ со гласањето е безбедно – вели Кодра.
Скопјанецот раскажа дека за него лично, за поздравување била културната реакција на сите присутни, кои ги пропуштале постарите лица побрзо и сосема безбедно да го завршат гласањето, за да не се измачуваат на топлото летно сонце.
Тој вели дека избирачкиот одбор безбедно го легитимирал, а по гласањето си заминал од училницата во училиштето каде што се наоѓа неговото избирачко место.
Во скопската населба Чаир, во основното училиште „Васил Главинов“, состојбата личеше како и на сите претходни избори. Присобраните граѓани во солиден број уредно, еден зад друг, чекаа да влезат во училиштето за да го остварат гласачкото право. Скопјанка на триесетгодишна возраст кратко ни раскажа дека таа го искористила уставното право за гласање, притоа внимавајќи многу да не ги прекрши здравствените протоколи.
Од друга страна, пак, во основното училиште „Панајот Гиновски“ во населбата Бутел, вчера попладне не забележавме големи маси гласачи. Присутните во изборните одбори раскажаа дека најголемиот „метеж“ се случил утрината, кога во најголем број гласале постарата генерација гласачи. Оттаму објаснија дека очекуваат при крајот на денот, кога ќе стивнат горештините, да се зголеми бројот на гласач,и бидејќи саатнината за гласање е подолга од вообичаено од претходните избори.
Репортерската екипа на „Нова Македонија“ ја посети и скопската населба Кисела Вода, каде што во основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ забележавме мал одзив на граѓани за гласање и присуство на полициски екипи. Училишните ходници и плочникот пред зградата беа полупразни, а надлежните објаснија дека поголема фреквенција на гласачи имало изутрината.
Скопјанец што гласал на изборното место 2.662 накратко раскажа дека кога влегол да ја исполни граѓанската должност во училиштето немало гласачи, бил дезинфициран при влезот и излезот од гласањето, а процедурата минала брзо.
Идентична слика нѐ пречека и во населбата Аеродром, каде што пред училиштето „Блаже Конески“ беа видливи мали групи гаѓани, кои уредно во ред и на растојание пристапуваа кон гласачките кутии.
Инаку, изборите на 15 јули се петти предвремени парламентарни избори од независноста на државава. Граѓаните избираат пратеници, а за 120-те места во парламентот се борат 15 политички субјекти, некои од нив новоформирани партии и коалиции. Право на глас имаат 1.814.263 гласачи. Поради пандемијата на коронавирусот, на гласање се оди со маска и се гласа два часа повеќе, гласањето почна во 7 часот утрината, а заврши во 21 часот вечерта, на вкупно 3.390 избирачки места, во шесте избори единици во земјата.
За потсетување, првите избори за пратеници во Собранието беа одржани во 1990 година, потоа избори имаше во 1994, 1998, 2002, 2006, 2008, седмите избори беа во 2011, осмите во 2014, а деветтите се одржаа во 2016 година. Дополнително, од осамостојувањето досега граѓаните гласале и на шест претседателски избори, седум локални и на три референдуми.