Коалицирања заради тесен интерес или подлабока граѓанска мисија
Последниот маневар на повеќе политички партии во Дебар, каде што коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците, Беса и ПЕИ на Фијат Цаноски ја презедоа локалната власт во општината, која до вчера беше во рацете на владејачката ДУИ, наметна голем број дилеми во однос на можноста за слични комбинаторики и на централно ниво
Додека партиите ги доутврдуваат своите позиции околу третата фаза од процедурата за измена на Уставот, се наѕираат и партиските маневри, но и пратеничките комбинаторики во Собранието во контекст на гласањето за уставните измени. Во таа смисла, на партиско-политичко-коалициската мапа во Македонија сѐ повеќе се шпекулира за нови партиски споеви, рекомбинирања и сојузи, кои на терен веќе се оформуваат во пресрет на претседателските избори, кои треба да се одржат следната година. Ваквата констатација се потврди со последниот маневар на повеќе политички партии во Дебар, каде што коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците, Беса и ПЕИ на Фијат Цаноски ја презедоа локалната власт во општината што до вчера беше во рацете на владејачката ДУИ.
Невообичаените политички случувања во Дебар, според политичките набљудувачи, се доказ дека анимозитетот меѓу албанските партии е толку голем што не може во иднина да се исклучат и невозможните партиски коалицирања, без оглед на генералните ставови и одлуки на централните партиски раководства, односно партиските коалицирања во контекст на централната власт. Имено, невообичаеноста е дотолку поголема што на пример, партијата ВМРО-ДПМНЕ, која во изминатиот период беше прогласена за антиалбански политички субјект со нула коалициски капацитет, во Дебар го покажа токму спротивното. Ова соединување на локално ниво може да се смета за политичко-париски куриозитет, уште повеќе ако се земе предвид дека најголемата партија на Албанците во Собранието, ДУИ, веќе му понуди предизборна коалиција на СДСМ во пресрет на претседателски избори за в година. Во ваква констелација на „програмско-партиска каша“, легитимно е барем хипотетички да се постави прашањето колку е реално „дебарското здружување“ да биде исклучок, а колку „почеток на една нова соработка“, која од локално би се префрлила и на централно ниво? Ова всушност беше и дилемата што повторно се актуализира во јавноста деновиве.
Во мноштвото изнесени тези и теории на оваа тема, политичкиот аналитичар Алберт Мусли тврди дека, сепак, е можно во блиско време да бидеме сведоци на такви коалиции на ВМРО-ДПМНЕ со албанските парии. Но и покрај тоа, тој е убеден дека многу тешко тоа може да се случи додека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ не се реформира целосно и стане коалициски способна партија.
– Не сум убеден многу дека случајот со преземање на власта во општината Дебар од страна на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата на Албанците, Беса и ПЕИ на Фијат Цаноски и нивната соработка на локално ниво може да се пренесе и на централно ниво. Тоа го говорам поаѓајќи од размислувањето дека партијата ВМРО-ДПМНЕ, според мене, сѐ уште не е подготвена и способна да биде коалициски партнер со која било од албанските партии. Не велам дека не е можно тоа да се случи, но мислам дека во овој момент како и во блиска иднина би било проблематично доколку сепак дојде до тоа. Пред да има некакви коалициски здружувања со албанскиот блок партии, најпрво опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ треба целосно да се реформира со што ќе ја смени сегашната слика, која ја ужива кај Албанците, особено по објавените прислушувани разговори – оценува Муслиу.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Александар Пандов вели дека коалицијата во Дебар меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата на Албанците и Беса е очекуван расплет по сѐ она што се случува во Македонија.
– Не ја прифаќам тезата дека постои некаков јаз помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и албанските партии или општо меѓу ВМРО-ДПМНЕ и албанскиот народ. Тоа го тврдам повикувајќи се на искуството од последните 10 години кога ДПМНЕ беше на власт и кога всушност многу се направи за целиот народ вклучувајќи ги и албанските граѓани. Таквата пропаганда во јавноста дека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ е антиалбанска е само извртување на вистината од страна на соросоидните медиуми и ништо повеќе – вели Пандов.
Познавачот на политичките состојби последниот пример во Дебар го коментира како чист доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не е јалова партија.
– Дали на повидок е некоја нова предизборна коалиција не можам да тврдам, но одговорно велам дека во ВМРО-ДПМНЕ нема некоја лоша крв кон албанските партии. Мојот став околу претседателските избори е дека тие не смеат да се случат самостојно односно треба да одат во пакет со парламентарните. Доколку се туркаат единствено претседателските тие ќе бидат повторно бојкотирани од граѓаните слично како референдумот. Сепак, на крајот повеќе од убеден сум дека доколку ВМРО-ДПМНЕ освои победа на следниот изборен циклус, ќе биде во можност да направи коалиција со албанските парии без оглед дали таа ќе има добиено најмногу гласови од албанскиот електорат или не – подвлекува Пандов. Засега никој од соговорниците не ги споменува политичките програми на партиите, нивните програмски проекти и цели, интересот на граѓаните и развојот на државата на сите полиња и евентуално заеднички именител, кој би бил основа за партиските коалицирања.