Граѓанско демократска унија го најави учеството на парламентарните избори
Граѓанско демократската унија (ГДУ), денеска го најави своето учество на парламентарните избори, на еден ден пред почетокот на изборната кампања. Претседателот Петар Колев, во својот говор на настанот кој се одржа во Градскиот парк, истакна дека јасно е дека на политичката сцена во моментов се, како што рече, самонаречените „големи“ партии, кои тие во унијата ги препознаваат само како „големи надувани балони“.
– И едните и другите кога се во опозиција гласно обвинуваат дека Македонија го допира дното и дека полошо не може да биде, а кога се на власт, Македонија е колевка на реформатори и храбро оди напред. Но, како што знаете, ако балоните ги издишете, ќе видите дека во нив нема содржина. Тие само лутаат без компас и план. Користат исти методи, и имаат слични резултати. И сите тие се на штета на граѓанинот – истакна Колев.
Тој рече дека цел на Унијата не е власта сама по себе, туку е фундаментална промена на општеството, кое го разбираат како заедница на слободни и одговорни индивидуи кои се суверени и еднакви пред Уставот и законите на Македонија.
– Нашата цел е целосен ресет на нефункционалниот систем во кој живееме денеска. ГДУ се појавува на македонската политичка сцена во време кога граѓанството е свесно дека нема опција кого политички да поддржи. Ние сме ентузијасти кои веруваат во иднината на Македонија. Веруваме дека нашите деца овде заслужуваат иднина – рече Колев.
Приоритети на Унијата се здравството и образованието. Во однос на образованието, ветуваат намален број на часови за децата и помалку ученици во една паралелка, со зголемени плати за наставниците на ниво повисоко од републичкиот просек и со автономија во поглед на нивниот индивидуален пристап во реализацијата на наставата. Кога станува збор за здравството, приоритет е инвестирањето во регионалните болници во Велес, Штип, Струмица, Битола и Прилеп, за да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги.
Од ГДУ ги повикуваат сите граѓани да им се придружат во мисијата и на денот на гласањето да бидат „ежот што ќе им се сротивстави на змиите“. Симболично, тие пукаа балони со хелиум со логоата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, со што испратија порака дека е доста од нив на политичката сцена. А.П.