„ЕВРОИНТЕГРАТИВНИ“ ОЧЕКУВАЊА ОД СЛОВЕНЕЧКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО НА ЕУ
Словенечката поддршка за македонските евроинтеграции се чинеше силна и недвосмислена, сѐ до пролетната епизода со фантомските нонпејпери за Западен Балкан. Токму Словенија беше основано осомничена дека е извршен продуцент на таквите сценарија (иако од таму се негираше дури и нивното постоење). И покрај сѐ, официјалните изјави на словенечките политичари, европратеници и дипломати и понатаму се полни со недвосмислена поддршка за Македонија во ЕУ. Затоа можеби епизодата со нонпејпер-плановите за прекројување на границите на Западен Балкан, иако внесе сенка на сомнеж во искреноста на таквите декларирани позиции, сепак може да се смета како минлив кадар во филмскиот заплет на евроинтеграциите на Западен Балкан
Непопустливоста на Бугарија, искажана на овој јунски самит на ЕУ, укажува дека и кога ќе се повлече цртата под португалското претседателство со Унијата, за Македонија и понатаму останува неизвесноста за започнување преговори за членство во европскиот клуб. И покрај манифестацијата на дипломатски напори и на ЕУ, и на македонската страна, се чини на сите им беше јасно дека Македонија и овој јуни нема да добие датум за почеток на преговори. Уште пред почетокот на овој самит, евроинтегративните проекции во македонскиот политички амбиент како да беа пренесени за 6 октомври, како нареден датум кога може да се очекува поинаква одлука во ЕУ, т.е. кога е закажан состанок на Европскиот совет за Западен Балкан во Словенија. Во воздржаноста за подигнување на очекувањата од португалското претседателство кај македонските политичари, дури отворено се читаше дека надежите се фокусираат на словенечкото претседателство со ЕУ, кое започнува од 1 јули.
Пред пролетната епизода со фантомски нонпејпери за Западен Балкан, за кои Словенија беше инкриминирана како извршен продуцент на таквите сценарија (иако од таму се негираше дури и нивното постоење), словенечката поддршка за македонските евроинтеграции се чинеше силна и недвосмислена. Официјалните изјави на словенечките политичари, европратеници, дипломати и понатаму се полни со недвосмислена поддршка за Македонија во ЕУ, но епизодата со (непризнаените) плановите за прекројување на границите на Западен Балкан, секако фрла сенка на сомнеж во искреноста на таквите декларирани позиции.
– Од Словенија, т.е. од нејзиното претседателствување со ЕУ, Македонија не треба да очекува ништо драматично. Како прво, се чини дека нејзината внатрешна политичка сцена нема расчистено со односот што сака да го воспостави со Западен Балкан. Навистина, проширувањето е во нејзината програма како претседавач со Европската Унија, но останува да се види со колкав ентузијазам ќе се посвети на нејзиното спроведување. Освен тоа, допрва треба да видиме како ќе се развива ставот на другите земји-членки на Унијата во однос на проширувањето. Прашање е колку ќе трае неодамна искажаната поддршка на Франција на процесот на проширување на Унијата, со оглед на неодамнешната резервираност и скептицизам и претстојните избори наредната година, во време кога таа ќе го преземе претседавањето со Унијата. Македонија и понатаму, пред сѐ, сама ќе треба да се справува со евроинтегративните предизвици и услови што ќе ѝ се наметнуваат – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Сепак, во овој миг, македонскиот предизвик за словенечкото претседателство со ЕУ се сублимира во прашањето дали во официјална Љубљана постои идеја, моќ и желба да влијае за надминување на бугарските тврди позиции со ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
– Нашиот евроинтегративен предизвик со Бугарија нема да се реши сѐ до завршувањето на нивните претседателски избори. Дури ни парламентарните избори што ќе се одржат таму на 11 јули се неизвесни во поглед дали има подготвена политичка структура во Бугарија да го реши нивните внатрешнополитички проблеми.
Во такви услови, додека има службена влада и нема парламент многу е тешко да се направи исчекор во македонско-бугарскиот спор. Сите официјални инстанци во Бугарија сега се повикуваат на Декларацијата на бугарскиот парламент, дека не можат да одат против таа национална позиција. Додека нема парламент во Бугарија не може ни да се изгласа повлекување на таа Декларација. Во таква поставеност на позициите во однос на македонските евроинтеграции, можеби можеме да се надеваме на некаков напредок за започнување преговори за време на словенечкото претседателство, но тоа нема пресудно влијание – вели универзитетскиот професор Оливер Андонов.
Професорот Андонов смета дека бугарските политичари направија етнополитичка секуризација од македонските евроинтеграции, односно го издигнаа на ниво на политички проблем, кој го претставуваат како прашање од витален безбедносен и национален аспект.
– За внатрешнополитички изборни поени, бугарските политичари го подигнаа значењето на односот спрема Македонија на ниво – да ја биде или не, Бугарија. Сега и бугарската јавност бара да се поставуваат пречки за евроинтеграциите на Македонија. Потребно е тој процес на секуризација да се врати назад, а додека трае внатрешната борба за политичко преживување во Бугарија, тоа тешко ќе се случи. Сметам дека поголем ефект од европскиот притисок, би бил притисокот на САД, во некоја позасилена форма за справување со корупцијата во бугарското општество, за да се издејствува македонско-бугарскиот спор да се сведе на билатерално прашање, надвор од процесот на евроинтеграциите – проценува професорот Андонов.
Во претстојниот период на внатрешнополитичко преструктурирање на Бугарија, кој според професорот Оливер Андонов се одразува на процесот на проширување на ЕУ, тој смета дека Македонија не смее да влезе во бугарската матрица и да се докажуваме дека сме Македонци што зборуваат македонски јазик, зашто тоа е непобитен факт.