Социолозите забележале чуден феномен на „двоен кодекс на однесување“ кај носителите на јавни функции кај нас. Имено, домашните политичари кога се во странство, редовно внимаваат и пред јавноста се презентираат во едно вообичаено, домаќинско, нормално граѓанско секојдневно светло. Но кога се во земјава, тие не ни помислуваат да се откажат од бенефициите што одат „во пакет“ со вршењето на функцијата. Дури, кај некои од нив во повеќе наврати се забележува минување на „црвените линии“ на нивното однесување… На што се должи ваквиот манир на однесување и што треба да се стори за функционерите да ги претставуваат граѓаните во вистинско реално светло, поскромно и достоинствено?
Двоен кодекс на однесување на македонските политичари
Во овие три децении самостојност, македонските политичари покажаа дека секогаш кога ќе излезат надвор од државата ги применуваат таканаречените европски манири, начини на однесување, постапки… Тие се возат со воз, автобус, понекогаш и велосипед, едноставно речено го користат јавниот превоз за да се претстават пред јавноста во едно вообичаено, домаќинско, нормално граѓанско секојдневно светло, но кога се во земјава не ни помислуваат да се откажат од бенефициите на службените возила.
Скромните политичари во светот целиот свој мандат го поминаа одејќи на работа само со јавен превоз, приватен автомобил, некои дури и пеш, секогаш подготвени да го слушнат мислењето на обичниот човек со кој секојдневно доаѓаат во контакт.
Имено, поранешниот уругвајски претседател Хосе Мухика со години одеше на работа со својата „буба“ од 1987 година, а најголемиот дел од претседателската плата, која изнесувала 12.500 американски долари месечно, ја донирал во добротворни цели, задржувајќи за себе само по 1.250 долари. Германската канцеларка Ангела Меркел самата пазарува во маркетите, чекајќи трпеливо во редиците пред касите без да ја злоупотребува својата функција, туку напротив, го користеше времето да размени понекој збор со своите сограѓани. Таквиот непосреден однос несомнено влијаеше на долготрајноста на нејзиниот мандат.
Кај нас ситуацијата е сосема поинаква. Домашните политичари кога се во странство се однесуваат европски, се сликаат како се возат со метро, со воз, како користат автобуси, летаат со нискобуџетни авиокомпании, но тука, освен кога станува збор за некаков маркетинг или промоција на некаква мерка, ретко можат да се забележат меѓу обичните граѓани.
Речиси и да нема човек што може да се сети дали видел некој политичар во автобус или воз како секој ден оди на работа, а уште помалку да размени понекој збор со него ако воопшто му дозволи свитата телохранители што го опкружуваат. Многу почеста слика се блокираните крстосници кога поминува колона темни службени возила превезувајќи претседател, премиер, министер, па дури и некој понизок функционер, додека илјадниците граѓани по неколкупати во денот остануваат блокирани во извршувањето на обврските.
Од друга страна, истите тие граѓани секојдневно се принудени да користат јавен превоз, да се возат во пренатрупаните автобуси и возови до своите работни места, училишта, факултети, загрозувајќи го сопственото здравје за време на пандемијата. Кога веќе истите тие политичари апелираат на масовно користење на јавниот превоз како најбрз и најбезбеден, тогаш можеби преку личен пример треба тоа и да го покажат, односно и самите да ги заменат службените автомобили со користење јавен превоз кога одат на работа. Така најдобро ќе можат да ги воочат сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и повеќе да инсистираат на решенија за подобрување на состојбите од кои и самите би биле засегнати. Можеби тоа ќе придонесе возилата да бидат чисти и дезинфицирани, но и поредовни, за да нема константни доцнења и пренатрупаност со патници. Политичарите со таквиот потег ќе покажат дека превозот е безбеден и нема никаква опасност од ширење ковид. Да не зборуваме за заштедите во буџетот со кратење на високите патни трошоци.
– Овдешните политичари се плашат да се соочат со народот и затоа не користат јавен превоз. Кога тој политичар би влегол во автобус, голема е веројатноста некој од тие луѓе во возилото вербално да му се спротивстави. Од тоа се плашат домашните политичари и затоа не можеме да ги видиме меѓу народот, туку уживаат во службените возила – вели социологот Илија Ацевски.
Тој, објаснувајќи го овој феномен, нагласува дека многу е поинаква ситуацијата во развиените европски земји, особено скандинавските, каде што политичарите можат да си дозволат користење јавен превоз бидејќи ја уживаат довербата на народот.
– Во Македонија политичарот не ужива авторитет, така што осиромашениот човек, кој нема што повеќе да изгуби бидејќи до тој стадиум го доведе оваа 30-годишна партиско-политичка голгота, лесно може да изгуби контрола и вербално да го нападне. Сите знаат како дел од тие функционери се збогатиле, така што за таквите политичари спонтаниот однос со народот е голема траума.
Затоа не користат јавен превоз, затоа ги нема меѓу народот – категоричен е социологот Ацевски.
Според него, втор важен момент за ваквото однесување на политичарите е придавањето важност на самите себе, од типот „еве кој сум јас“, како резултат на клановскиот и партиско-политичкиот систем изграден во изминатите три децении.
– Тие сакаат да се однесуваат надмено. Да се возат во „мерцедесите“, да стигнат и да си заминат удобно од работа. Кој од нив ќе се качи во пренатрупан автобус или воз, згора на тоа уште граѓаните и вербално да ги нападнат? Тоа тука нема да се случи – истакнува Ацевски.
Слични реакции има и на социјалните мрежи, преку кои граѓаните ги повикуваат политичарите да ги применат практиките што ги применуваат надвор меѓу своите граѓани и да покажат солидарност.
– Ех, кога нашите политичари секој ден би се возеле заедно со народот во возот од Скопје за Битола преку Прилеп; Нека се качи некој министер или пратеник во преполна „19“ или „57“ и така да оди секој ден на работа, па после нека кажува дека во автобусите нема трансмисија на ковид; Лесно е да си со народот преку стаклото на службениот автомобил – се само дел од реакциите на социјалните мрежи.