Инцидентите со насилничкото тегнење на крстот за време на празнувањето на Водици во Штип, но и давањето политички изјави на верски манифестации низ земјата, наидоа на различни коментари во јавноста и меѓу аналитичарите. „Нова Македонија“ анализира кои се причините за ваквите појави и како да се надминат
Скандалозни инциденти, тепачки, меѓусебни навреди, непочитување на суштината на празнувањето, политички скандирања, политичари во први редови, сево ова како да станува препознатлив декор последните години за време на чествувањето на големите христијански празници. Масовноста колку што може да ја збогати прославата, толку може и да фрли темна дамка, поради неодговорно однесување на поединци.
Последен непријатен случај беше прославата на Богојавление во Штип, каде што некои од учесниците, кои влегоа во осветените води на Брегалница за да го извадат светиот крст, предизвикаа инцидент со насилничко меѓусебно туркање и тегнење, по кој владиката Иларион мораше да им го одземе крстот и да го остави во црквата во Штип. Ова беше протолкувано како казна за оние што го предизвикаа инцидентот. Казна затоа што оние што го фатија крстот не ќе можат да одат со него низ градот Штип и да собираат пари од верниците.
Логичното прашање што се наметнува по вакви непријатни случки е каде е тука суштината на празнувањето. Мотивот да се биде верник и да се извади крстот како благодат за празникот или да се дојде до крстот за подоцна истиот тој да се материјализира. Ако мотивот е верски, тогаш инцидентите и не би биле, но заслепеноста од материјализмот резултира со вакви моменти.
Од друга страна, чествувањето на големите христијански празници, каде што има масовно присуство на верници, е како магнет и за политичарите од власта и од опозицијата. Тоа се денови кога тие се во првите редови, блиску до владиците и до свештениците. Иако можеби нивното влегување в црква е од Велигден на Божиќ, од Водици на Богородица, сепак тие не пропуштаат можност своите честитки до верниците да ги испратат токму од храмовите, но често одат и чекор понатаму, па даваат политички изјави во кои ги напаѓаат и критикуваат своите политички противници. Со ваквото однесување на политичарите верските манифестации се ставаат во функција на одредена политичка, односно партиска агенда. Од друга страна, политичарите се исти како и сите други верници и такви треба да бидат и нивниот третман и однос.
Во Македонската православна црква-ОА се свесни за сликата и перцепцијата што се создава со ваквите настани, и велат дека токму затоа постојано апелираат празнувањата да бидат во духот на христијанската вера, наспроти она што се нарекува фолклорно чествување на верските празници, мотивирано од некакви народни обичаи.
– Ние постојано им укажуваме на верниците дека чествувањата на празниците се преку литургијата во црквите. Затоа и се обидуваме на сите оние што влегуваат во водите за Богојавление за да го извадат положениот крст, пред тоа да дојдат на литургијата во храмовите, да бидат дел од службата, само така ќе можат да ја почувствуваат благодатта на празникот – велат свештениците на МПЦ-ОА.
Некои од нив сметаат дека црквата мора да биде и поактивна и поодговорна во едукацијата на верниците, затоа што овие немили инциденти најчесто се резултат и на слабата верска поука на луѓето.
Но од друга страна, во МПЦ-ОА велат дека во практика има и сосема спротивни примери, кои, за жал, често не добиваат медиумски публицитет.
– Од ова чествување на Богојавление, во јавноста излезе сликата за Штип, која фрли темна дамка, но имаше најмалку три други примери, кога верниците што ги извадија светите крстови, подароците што ги добија ги донираа за загрозени семејства, за тие настани многу малку се пишуваше, а тие всушност се вистинската поука за тоа како треба да се однесуваме – велат свештениците на МПЦ-ОА.
Социологот по религија Зоран Матевски вели дека посетата на политичарите на верските храмови или манифестации за време на големите верски празници е европски и светски тренд.
– Многу од нашите политичари се декларираат како верници, па е сосема нормално да бидат присутни. Секако, во нивните изјави е важно да не ги злоупотребуваат верските чувства на граѓаните за политички цели. Во нашите случаи тие не закажуваа прес-конференции во верски храмови, туку беа прашувани за дневни актуелни случувања. МПЦ мора да најде начин како да ги дисциплинира повеќе верниците и целата манифестација за Водици да добие повеќе верски елемент отколку световен. Оние што се фрлаат по крстот треба да одат прво на литургија, да го сфатат значењето на празникот – посочува Матевски.
Верските аналитичари и социолозите, пак, сметаат дека станува збор за менталитет на однесување кај луѓето. Чествувањето на големите христијански празници, само по себе, подразбира и масовност, а во таква ситуација постои и опција секогаш некој да им го наруши спокојот на оние што дошле поради празникот.
– Што се однесува до редовното појавување на политичарите на овие празници, само по себе не мора да значи негативност или политикантство. Добро е кога политичарите се дел од верниците за време на празнувањата, добро е и кога ќе испратат пораки во духот на празникот, но спорен може да биде мотивот. Дали го прават тоа поради празникот или поради дневната политика. Искрениот пристап подразбира воздржување од политички коментари додека сте дел од чествувањето на еден празник. Тој ден е за празникот и така треба да остане, сите други денови се за политика – велат верските аналитичари.
Тие сметаат дека присуството на политичарите на празниците најчесто е мотивирано од политички причини. Едноставно сметаат дека тој ден и тие мора да бидат в црква, за да ги видат верниците, да бидат дел од нив, но и да бидат блиску до свештените лица, до црквата затоа што сметаат дека авторитетот на свештениците, на црковните лица е голем и значаен фактор, а нивната блискост до нив им овозможува да се потпрат на тој авторитет.