Во светот е во тек вистински лов на теоретичарите на заговор во врска со појавата на ковид-19. На „отстрел“ се сите оние што истражуваат или поставуваат излишни прашања поврзани со изјавите и ставовите на СЗО и на владите на одредени држави или, пак, изразуваат различни ставови. Твитер ги брише несоодветните профили, а Фејсбук и сите други платформи елиминираат содржини објавени од „жигосани“ поединци и групи. Таквиот прогон на теоретичарите на заговор за настанувањето и целите на кризата со коронавирусот ги поттикнува сомнежите дека нешто се крие од јавноста, рушејќи го притоа авторитетот на државните институции и меѓународните организации, пред сѐ, на СЗО

ОД АНАЛИЗАТА НА „ГЕОПОЛИТИКА“ ВО ВРСКА СО ДИЛЕМАТА ДАЛИ КОРОНАВИРУСОТ Е ВИРУС ОД ЛАБОРАТОРИИ ИЛИ ЕВОЛУИРАЛ ВО ПРИРОДНИ УСЛОВИ (1)

Здравствената и економска криза предизвикани од пандемијата на ковид-19 медиумски го наметнаа феноменот на т.н. теорија на заговор. Иако овој феномен отсекогаш постоел во медиумскиот простор и јавниот дискурс, глобалната корона-криза го издигна наративот за теориите на заговор до хистерични размери. Практично секој оној што ќе постави какво и да било дисонантно прашање или, уште пострашно, ќе излезе со теза за потеклото и развојот на вирусот и пандемијата, која не се вклопува во воспоставената информативна рамка, ризикува да биде прогласен за теоретичар на заговор и непријател што шири т.н. лажни вести и дезинформации. Всушност, започнат е вистински лов на теоретичарите на заговор и на сите оние што поставуваат излишни прашања поврзани со вистината формулирана од СЗО и од владите на одредени држави. Твитер ги брише несоодветните профили, а Фејсбук и сите други платформи елиминираат содржини објавени од „жигосани“ поединци и групи. Ваквата реакција на СЗО, ЕУ и државните власти и институции, кои на национално ниво спроведуваат мерки за борба против пандемијата, предизвикува дополнителни сомнежи за веродостојноста на утврдените вистини, отворајќи истовремено многу нови прашања.

Креаторите на овие сомнежи и прашања автоматски се сместуваат во сѐ поголемата група на теоретичари на заговор и дезинформатори. На овој начин се создаде маѓепсан круг што води кон општа хистерија и кој на крајот може да нанесе уште поголема штета во борбата против ковид-19. Наместо да се занимаваат со медиумски прогон на теоретичарите на заговор, здравствените власти треба да се посветат на работа и јавни изјави засновани врз факти. Доколку не го сменат односот, тие само дополнително ќе го деградираат својот авторитет, кој веќе е начнат, меѓу другото, со повлекувањето на најголемата светска сила, САД, од Светската здравствена организација, кое стапува во сила на 6 јули следната година. Би било идеално меѓународните и национални субјекти задолжени за оваа борба (пред сѐ СЗО) да си ја гледаат својата работа, наместо да ги прогонуваат оние што често поставуваат основани прашања и оние што од различни причини медиумски ги промовираат сопствените тези за потеклото и текот на корона-кризата.

Сомничавост, недоверба, па омраза што резултира со прогон и линч?!

Продолжувањето на досегашната практика води кон зголемена хистерија и натамошно градење недоверба. Меѓутоа, СЗО, која би требало да ја предводи меѓународната борба против пандемијата, не се откажува од надмудрување со оние што, според нивно мислење, шират дезинформации и теории на заговор во врска со ковид-19. Причината за тоа најверојатно лежи во желбата на СЗО со сила да го поврати сопствениот сериозно нарушен авторитет и да ги заштити добро платените службеници во својата администрација. Така, продолжувајќи со својот налудничав прогон на теоретичарите на заговор, СЗО кон крајот на јули најави дека отворено ќе им се спротивстави на теориите на заговор во врска со ковид-19, со тоа што ќе собере научници од повеќе сфери за борба против дезинформациите. Според изјавата за печатот, која ја пренесоа сите светски новински агенции, СЗО планира да ангажира математичари, експерти за информатика и комуникација, психолози, социолози и здравствени работници, чија работа ќе биде фокусирана на една нова истражувачка област, која СЗО ја нарече „инфодемиологија“.
Генералниот директор на организацијата Тедрос Адханом Гебрејзус веќе го има спомнувано поимот „инфодемија“, толкувајќи го како поплава од информации, вознемирувачки теории на заговор и директни дезинформации, кои, наводно, ја попречуваат борбата против ковид-19.

Мајстори за манипулација со јавноста

Новата дисциплина „инфодемиологија“ (со која сака да се занимава очигледно безделното друштво во СЗО) би требало да се бори против оваа страшна закана. Како што пренесуваат светските агенции, соопштението на СЗО е многу експлицитно: „Без оглед на тоа дали се точни или неточни, прекумерното количество информации може да има негативно влијание врз здравјето на луѓето, да го зголеми стресот и да ги поттикне да прифаќаат потенцијално опасни совети“. Од ова може да заклучиме дека СЗО отишла еден чекор нанапред, па отсега натаму нема намера да ги прогонува само неточните информации за кризата, туку и оние точните – доколку се претерани и имаат штетен ефект врз јавноста. Тука доаѓаме до суштината на наративот во врска со теориите на заговор. Повикувањето на фамозните теории на заговор во суштина не е ништо друго, освен манипулација со јавноста за да се прикријат вистинските околности на одредени настани, како и вистинските актери и нивните важни политички причини за креирање тајни агенди.

Манипулацијата има задача да ја елиминира можноста за јавно сознание за некои настани, обидувајќи се да ги прикаже како резултат на случајност, спонтаност и отсуство на каква било поврзаност со други настани или влијание на владејачките политички структури. Во текот на последнава деценија, покрај хистеријата со корона-кризата, типични примери што се однесуваат на смислување теории на заговор секогаш кога се сака да се прикријат вистинските мотиви и улогата на политиката, се воената интервенција во Ирак од страна на САД, Велика Британија и сојузниците (со лажно оправдување за постоење некакво ирачко хемиско оружје), т.н. „спонтани“ револуции на Арапската пролет, миграциската криза и бескрајните војни на Блискиот Исток.
Сѐ што ја доведуваше во прашање вистинитоста на јавно сервираната парадигма за тие случувања – како што беше случајот со изразениот сомнеж дека Ирак поседува хемиско оружје или дека Арапската пролет не е спонтана и можна е вмешаност на американски и европски разузнавачки структури во нејзиното организирање и водење – беше прогласувано за теорија на заговор. М.В.

(Продолжува)