ВО ПРЕСРЕТ НА ТРИГОДИШНИНАТА ОД РЕФЕРЕНДУМОТ ОД 30 СЕПТЕМВРИ
Иако тежиштето на референдумското прашање беше ставено на ЕУ и на НАТО (како стратегиска национална ориентација), мнозинството граѓани не излегоа на гласачките места, по што Државната изборна комисија (ДИК) констатира дека референдумот не успеал. Меѓутоа, текот на настаните доби резултати и правец што на сите им се добро познати. Денес, три години подоцна, мислењата сѐ уште се поделени за тоа колку и што е постигнато и каква е сега перспективата на оваа постреферендумска Македонија. Што добивме, а што загубивме?
Во пресрет на тригодишнината од референдумот, по кој дојде до промена на уставното име на нашата држава, мислењата сѐ уште се поделени. Дури тие и не се разликуваат многу од оние на 30 септември 2018 година, кога беше одржан референдумот, иако кампањата за него започна на 1 септември, или токму пред три години. На референдумот, граѓаните требаше да се изјаснат во однос на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“
Но иако тежиштето на референдумското прашање беше ставено на ЕУ и на НАТО (како стратегиска национална ориентација), мнозинството граѓани не излегоа на гласачките места, по што Државната изборна комисија (ДИК) констатира дека референдумот не успеал. Со тоа, од формалноправен аспект, тоа беше апсолвирана и јасна работа. Меѓутоа работите влегоа во политичко-партиска матрица, која по својата природа е растеглива и аморфна материја и која кај нас и дотогаш излегувала од рамките на Уставот и законите, заради некаков политички прагматизам.
Историски и патриотски чин за остварување на стратегиските цели или велепредавство со менување на уставното име
Три години потоа, мислењата се поделени за тоа колку и што е постигнато и каква е сега перспективата на оваа постреферендумска Македонија. И денес, за едни настаните од 2018 г. се историски и патриотски чин со кој ги остваруваме стратегиските цели, додека за други тоа беше противуставно предавство извршено со менување на уставното име.
Тогаш за резултатите од референдумот се изјасни и Државната изборна комисија, која заклучи дека референдумот не е успешен, бидејќи на него не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список.
Неколку месеци подоцна, Собранието сепак ги усвои уставните амандмани предвидени со Договорот од Преспа и Република Македонија го смени државното име во Република Северна Македонија, име со кое земјава потоа влезе во НАТО. Од оваа кратка временска дистанца, секако се наметнуваат прашањата до каде сме стигнати во процесот за интеграции во евроатлантските структури и колку овој чин нѐ доближи до нашите стратегиски определби.
Дипломатите и универзитетските професори со кои се консултиравме велат дека од денешна перспектива, три години подоцна, референдумот во целост не ги исполни очекувањата за Македонија. Според нив, тој има свои плусови и минуси изразени во членството во НАТО, но и минуси во блокадата во ЕУ од соседна Бугарија.
Дипломатот Драган Јањатов вели дека референдумот, иако во добар правец ја посочи државата, во целост не ти исполни очекувањата на Македонија.
Според дипломатот, ефектите од референдумот требаше да бидат големи за Македонија и на домашен и на надворешен план, но само неколку години подоцна се чини не сме мрднале многу од точката во исполнувањето на стратегиските цели поставени во времето на независноста.
– За мене оваа работа не ги исполни во целост очекувањата, бидејќи иако сме составен дел на НАТО, ние и натаму немаме високо ниво на плурализам, демократија, парламентарност… Многу работи и натаму висат отворени над државата, бидејќи тие се прашања што требаше да се решат уште од прогласувањето на нашата независност – вели Јањатов.
Тој тврди дека кога ќе има одбележување 50-годишнина на нашата независност, возможно е да се направи вистински позитивен пресек на сето она што значеше референдумот и надминувањето на спорот со соседна Грција.
Добро решение е она решение во кое и двете страни се незадоволни?!
Љупчо Арсовски, поранешниот македонски амбасадор во Грција, вели дека не е лесно да се даде одговор на прашањето дали референдумот ги постигнал своите очекувани ефекти или не, но битно е да се напомене дека тој значеше размрдување на статусот на стоење во место, кој Македонија го имаше со години по самитот на НАТО во Букурешт.
– Проблемот со Грција мораше да се реши, а референдумот, без разлика дали формалноправно бил тој успешен или не, беше само една алатка од низата случувања што мораа да се спроведат. Со влезот на Македонија пред три декади во ООН, ние се обврзавме со резолуцијата 817 дека ќе најдеме заедничко решение со Грција, иако не беше дефинирано на чија штета или полза ќе биде решението. Од тука битно е да се знае и една светска поговорка, која вели дека добро решение е она решение во кое и двете страни се незадоволни. Па од тука и референдумот за промената на името и промената на политиките на Грција најдобро се отсликани во поговорката. Натаму, колку тој референдум е успешен во нашиот правец кон ЕУ и натаму е дискутабилно. Тоа така го велам бидејќи Бугарија ги изненади сите со своите радикални и националистички ставови, кои во суштина не беа предвидени ниту од домашните експерти ниту од меѓународната заедница во времето кога се спроведуваше референдумот – тврди амбасадорот.
Референдумот како најнова преломна точка во македонската историја
Од сегашна временска дистанца, на референдумот од 2018 година може да се гледа како на уште една преломна точка во македонската историја, и тоа од неколку аспекти. Во поглед на тогаш најавените големи очекувања, наша брза интеграција во ЕУ и во НАТО, потоа огромен финансиски импакт и влез на многу пари и инвестиции, подобрување на економијата, безбедноста, стабилноста, демократијата итн. Но дали и што од сето тоа се случи?
Професорот на Воената академија, Методи Хаџи-Јанев, вели дека кога се говори за економските придобивки од Алијансата, треба да се биде многу внимателен кога се ветува, што се ветува, бидејќи токму лошиот наратив на овие процеси потоа влијае директно на пораст на евроатлантскиот скептицизам во земјата.
– Морам да нагласам дека пред да се осврнам на ова, топло препорачувам да се прочита целиот одговор, а не работите да се вадат од контекст, бидејќи на вакви работи се прават најголемиот дел од манипулациите и лажните вести. Во тој дух сметам дека членството во НАТО е чиста придобивка за нас. Но колкава ќе биде таа придобивка ќе зависи исклучиво од нас, не од НАТО! – вели професорот.
Според Хаџи-Јанев, безбедносно нема збор колку позитивно и добро по Македонија се отсликува зачленувањето во НАТО во време кога во светот владее клима на несигурност и заживување на компетенцијата на големите сили.
– Она што е опасно, а на што сакам да обрнам внимание, е нешто што стана мит не поради тоа дека во него нема вистина, туку поради наративот што политичките елити го наметнаа во изминатите години, а тоа е дека со влезот во НАТО и во ЕУ ќе течат мед и млеко кај нас, нешто што искрено уште се форсира, а е многу опасно, особено поради евроатлантскиот скептицизам што се јавува како бумеранг на премногу општиот наратив во таа смисла – вели тој.
Така на пример, според професорот, често се вели дека членството во НАТО ќе ја подобри економската состојба во земјата и сл.
– Засега не постои официјална независна студија што ќе го поткрепи ова на директен начин. Да, има студии и анализи што укажуваат како индиректно, заради теоријата на економската безбедност или економската теорија на мирот колективните системи придонесуваат кон јакнење на сигурноста, можноста за инвестиции и свеж капитал и сл. Дури, постои анализа што укажува дека кај земјите од Балтикот постои евидентен економски раст по влезот во НАТО. Но ако ги читате овие анализи, особено последните, ќе сфатите дека многу други параметри влијаеле на економскиот раст, а не само членството како членство – вели професорот.
Хаџи-Јанев нотира дека во најмала рака самото зачленување е секундарно и индиректно влијае на економскиот раст.
– Накратко, економските придобивки од НАТО може да ги бараме со тоа што на компаниите сега им е отворен пазарот за тоа каде може да ги пласираат производите, да ги зголемат иновативноста и ефективноста, но и да го зголемат потенцијалот преку можност за здружено дејствување и унапредување на продуктот – заклучува професорот.
Во Уставот не постои консултативен референдум
Универзитетскиот професор Оливер Андонов во своја опсервација во однос на темата вели дека референдумот што го промени Уставот на државата што потоа резултира и со промена на името на државата бил неуспешен.
– Во Уставот не постои категорија консултативен референдум, тоа единствено се случи во нашата држава кога со референдумот, кој беше неуспешен, спротивно од законот се промени името на нашата земја. Малиот одзив требаше да значи правноформално неуспешен референдум, но сето тоа, сепак, спротивно од сите правила заврши во Собрание, каде што потоа низ регуларна собраниска процедура се изврши промената на името на земјата – вели професорот.
Според него, доколку сакавме да го почитуваме законот при спроведување на референдумот, ние пред три години ќе требаше да извршиме и нов референдум, на кој со законско мнозинство граѓаните ќе излезеа и ќе се изјаснеа дали ги прифаќаат или не ги прифаќаат одредените владини политики од тоа време.
– Јас верувам дека од оваа гледна точка, референдумот не ја постигна својата цел, а очекувањата на граѓаните за брз влез во ЕУ и во НАТО останаа незадоволени со бугарската блокада на земјава за влез во Унијата – вели Андонов.
Членството во ЕУ е далеку од остварување
Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), вели дека три години по референдумот, оптимистите би рекле дека сме на половина пат до остварување на целите што беа поставени во референдумското прашање – Македонија е членка на НАТО.
– Но другата цел – членство од ЕУ е далеку од остварување (па дури и ако се ограничиме само на почеток на преговорите), а сѐ подалечно изгледа дека некогаш и ќе се оствари – вели Кржаловски.
Според него, тоа што требаше да биде „конечна спогодба“, односно решение за спорот со Грција, не само што не го реши главното прашање (преговори за членство во ЕУ) туку отвори Пандорина кутија, за многу посериозни проблеми, што сега ги гледаме во развојот на настаните околу Бугарија (идентитетските прашања).
– Исто така, гледаме дека на грчката страна нема речиси никаков напредок во однос на исполнување на обврските што Грција ги има преземено, па станува бесмислено (случајов со личните карти) тоа што ние го правиме во однос на нашите обврски – вели тој.
Според Кржаловски, веројатно е прерано да се даде издржана оцена за вредноста на Преспанскиот договор, но јасно им е и на самите вклучени актери дека тој засега не ги исполни ни нивните очекувања, а не на целиот македонски народ, резимира Кржаловски.