Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека бил постигнат некаков неформален договор меѓу македонската и грчката влада, Преспанскиот договор да не се ратификува во грчкото собрание пред март. Од македонската влада велат дека нема да коментираат шпекулации и дека во моментот сѐ било концентрирано на нашиот дел од обврската, а тоа се уставните измени и засега од наша страна сѐ одело по предвидените рокови
Во контекст на дилемите што се наметнаа во нашата јавност по само неколку дена од гласањето во парламентот и донесувањето на одлуката за пристапување кон измена на највисокиот правен акт, се наметнува уште едно прашање, а тоа е дали, и покрај нашата завршена задача со промена на Уставот, името и сѐ што произлегува од договорот од Нивици, Грција ќе си ја заврши својата работа. Можно ли е Грција да не го ратификува договорот во тамошниот парламент, со оглед на тоа дека следната година во земјата претстојат избори, а рејтингот на партијата на Ципрас е во опаѓање. Доколку се оствари ваквото сценарио, паѓа во вода целиот наш ангажман, а Грција се става во повторна улога на наш „кадија“, кој ја спроведува народната изрека „кадија те тужи кадија те суди“. Грција и претходно не ги почитуваше меѓународните одлуки и договори, не ја ратификува Привремената спогодба, ниту пак ја спроведе пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Во насока на овие нејаснотии, деновиве се надоврзаа и пишувањата на грчкиот весник „Катимерини“, кој во свој текст посветен на оваа тематика вели дека е постигнат некаков неформален договор меѓу македонската и грчката влада, Преспанскиот договор да не се ратификува во грчкото собрание пред март. Грчкиот весник тврди дека додека Македонија брза во согласност со дадените рокови од првичниот договор по секоја цена да спроведе уставни измени, најавите се дека Грција ќе одолжува.
Весникот понатаму наведува дека лошиот рејтинг на владејачката СИРИЗА, шпекулациите за предвремени избори во Грција и заканата дека Каменос ќе излезе од Владата кога ќе дојде време за ратификација на Преспанскиот договор, ги зголемува можностите за промена на плановите на Ципрас. Од друга страна, притисокот од коалиционерот Каменос дека АНЕЛ ќе ја остави владата на СИРИЗА сама да се снаоѓа за договорот што сама го направи, не му остава простор за маневрирање на Ципрас.
Па, така, за да се обезбеди дека коалицијата со Панос Каменос нема да се скрши, постигнат бил неформален договор меѓу Атина и Скопје, за одолжување на процесот, пишува грчкиот весник. Иако „Нова Македонија“ вчера упати прашање до МНР за овие тврдења и дали Владата на РМ или ресорното министерство има постигнато некаков неформален договор со грчката влада, Преспанскиот договор да не се ратификува во грчкото собрание пред март, а со тоа да се одобри и поместување на фазите и роковите за ратификација на договорот од Преспа од грчка страна, до затворањето на весникот не добивме одговор кој е ставот на МНР по ова прашање. Од друга страна, пак, од прес-службата на македонската влада вчера одговорија дека нема да коментираат шпекулации и дека во моментот сѐ било концентрирано на нашиот дел од обврската, а тоа се уставните измени. Засега од наша страна сѐ одело по предвидените рокови.
Паралелно на сето ова вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, вчера нагласи дека Владата нема дилеми дека процесот може да заврши и пред март.
– Една опција беше доколку беше успешно гласањето во Собранието на РМ и тогаш процесот во Македонија можеше да заврши побрзо. Но моравме да имаме и план како ќе се одрази тоа на датумите, доколку одиме прво на предвремени избори, па дури потоа влеземе во процедура на уставни промени. Во тој случај март ќе беше месецот кога ние ќе можевме да го исполниме нашиот дел од обврските. Меѓутоа, сега немаме дилеми дека овој процес може побрзо да се заврши и со тоа да дадеме шанса и од грчка страна процесот на двете ратификации на договорот, но и нашиот договор за членство во НАТО да бидат дури и порано од март. Но, сѐ ќе зависи од тоа како тече процесот прво во Македонија, па дури потоа во Грција – изјави Шекеринска. Премиерот Зоран Заев вчера исто така изјави дека очекува да бидат испочитувани сите рокови за процесот за донесување на уставните амандмани, што се обврска во согласност со договорот од Преспа.
Ваквата констелација на работите за поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски говори дека сепак последниот потег ќе го има Грција.
– Не е првпат грчката страна да најавува дека кај нив ратификацијата ќе биде спроведена во март, април иако кај нас според договорот процедурата треба да се заврши до крајот на декември. Ваквиот грчки став сигнализира дека Ципрас настојува по секоја цена што подолго да ја задржи својата влада. Познато е дека Каменос најави и повторуваше дека ако договорот дојде во парламентот дека тој ја напушта Владата и по автоматизам таа паѓа. За нас е клучно дали е точно тоа што го кажа Димитров дека сите наши процедури во Собранието за промена на Уставот ако се завршат нема да влезат во сила додека и Грција не ја заврши процедурата. Мора да се инсистира на вакво наше однесување бидејќи во поинаков случај може лесно да се случи ние да се прекрстиме и да останеме со прстот во уста. Тешко е да се прогнозира што сѐ може да се случува околу договорот со Грција, во тоа се кријат и сериозни опасности за нас меѓутоа и надеж дека целиот проект ќе пропадне – оценува Никовски.