Најновата таканаречена британска мутација на коронавирусот, која е позаразна и има способност за многу побрзо ширење, веќе е регистрирана во соседна Србија. Што треба да направи Македонија и зошто следните два месеца се клучни
Има ли опасност од британската мутација на коронавирусот, која веќе е регистрирана во соседна Србија? Дали Македонија треба да ги зајакнува или не рестриктивните мерки? Можно ли е да се искомплицира целата епидемиолошка состојба и постои ли начин да се спречи влегувањето на овој вирус во земјава?
Сите овие дилеми остануваат отворени и бараат голема претпазливост, особено што оваа најнова мутација на вирусот има способност за поголемо ширење и веќе ја има во регионот.
Микробиологот Никола Пановски вели дека не можеме да спречиме новата мутација да дојде во земјава, но затоа засега не треба да одиме со нови олабавувања на мерките.
– Оваа мутација побрзо се шири, не е смртоносна, но следните два месеци треба да бидеме внимателни и да се придржуваме до мерките. Тоа што вирусот се појави во Србија не значи дека веднаш ќе дојде кај нас, не значи дека веднаш ќе почнат да се јавуваат многу случаи. За тоа ќе бидат потребни неколку недели, месеци, за да преовладее – посочува Пановски.
Според него, оваа мутација не ги напаѓа оние што веќе го прележале ковид-19.
Најдобра превенција, според Пановски, ќе биде вакцинацијата, зашто досегашните податоци покажуваат дека вакцината дејствува и на британската мутација, која само во многу мал број случаи предизвикала реинфекција ако некој прележал ковид, но немал антитела.
Од Министерството за здравство информираат дека заклучно со 11 јануари 2021 година во земјата не е утврдено присуство на вирусот од Велика Британија.
– Овие наоди се базирани на податоците од лабораторијата на МАНУ добиени при анализа на геномите на близу 180 САРС-КоВ-2 кај пациенти од Македонија дијагностицирани во периодот од јуни 2020 до 11 јануари 2021 година.
Во лабораторијата во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со ковид-19 од нашата земја за да се утврдат соевите на вирусот што циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста – соопштуваат од ресорното министерство.
Оттаму посочуваат дека од почетокот на пандемијата досега се анализирани близу 180 вирусни геноми, при што е утврдено присуство на околу 20 соја на вирусот.
– Соевите се изолирани од пациенти од различни градови од земјата. Од присутните соеви на вирусот, два се доминантни кај нашата популација, присутни кај помалку од 75 отсто од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои едниот сој е присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија, итн.) има стабилна фреквенција, додека другиот сој (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти. Ова зголемување кај едниот сој корелира со присуство на дополнителна мутација (спике протеинот) на вирусот, која првпат е детектирана во јуни 2020 кај пациент со ковид-19 од Охрид, и овој варијантен сој е доминантен од ноември наваму во нашата земја. Истиот тој во меѓувреме е детектиран со ниска фреквенција и во неколку други земји, меѓу кои Швајцарија и Данска. И покрај тоа што не се направени функционални испитувања на оваа варијанта, во согласност со епидемиолошките податоци за стивнување на епидемијата во нашата земја во последниот период, се претпоставува дека варајантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност ниту, пак, со тежината на клиничката слика на заболените -објаснуваат од Министерството за здравство.