Православната јавност ја поставува дилемата кој би бил исходот од целата оваа меѓуцрковна дипломатија на РПЦ и на Вселенската патријаршија. Главното прашање е кој од оваа жестока дипломатска офанзива би бил поразен, дали тоа би бил вселенскиот патријарх или, пак, московскиот патријарх, и како би се одразило тоа врз православниот свет, конкретно врз црквите што бараат автокефалност. Аналитичарите го поставуваат прашањето и дали може Македонија да добие, а Украина да изгуби или обратно, како и тоа дали е можно двете цркви да изгубат
Вселенската патријаршија и Руската православна црква повеќе од еден месец водат интензивна црковна дипломатија во православниот свет. Тие паралелно со свои црковни делегации лично ги посетуваат сите православни цркви и разговараат за она што во моментов е најсуштинско прашање во православието, а тоа е поврзано со најавите за признавање автокефални цркви во Македонија и во Украина.
Ако Вселенската патријаршија го испитува пулсот на другите цркви за нејзината иницијатива како црква-мајка на сите православни цркви за решавање на црковното прашање во Македонија и во Украина, Руската православна црква преку нејзиниот шеф на црковната дипломатија Иларион Алфеев води жестока кампања против Вселенската патријаршија и иницијативите за прогласување на автокефалноста на МПЦ-ОА и на Украинската патријаршија. Руската црковна делегација досега посети поголем број православни цркви, особено тие што припаѓаат на грчкиот блок цркви, меѓу кои и Атинската архиепископија. На сите тие средби РПЦ отворено изјавува дека нема да дозволи Вселенската патријаршија да признае автокефална црква, пред сѐ во Украина, а потоа и во Македонија. Вселенската патријаршија, пак, од неодамна ги почна консултациите со православните цркви, а меѓу последните посети беше онаа минатата недела на Бугарската православна црква во Софија.
Инаку, Вселенската патријаршија на крајот од мај годинава презеде одговорност за решавање на канонскиот статус на црквата во Македонија, прифаќајќи писмено барање во кое името на МПЦ-ОА би било Охридска архиепископија и истото тоа би било заведено во диптихот на православните цркви.
Православната јавност ја поставува дилемата кој би бил исходот од целата оваа меѓуцрковна дипломатија на РПЦ и на Вселенската патријаршија. Главното прашање е кој од оваа жестока дипломатска офанзива би бил поразен, дали тоа би бил вселенскиот патријарх или, пак, московскиот патријарх, и како би се одразило тоа врз православниот свет, конкретно врз црквите што бараат автокефалност.
Аналитичарите го поставуваат прашањето и дали може Македонија да добие, а Украина да изгуби, или обратно, како и тоа дали е можно двете цркви да изгубат. Клучното прашање, според нив, е кој би бил победникот од оваа борба за превласт во православието.
Вартоломеј под притисок
Познавачите на црковните состојби велат дека самиот факт што двете највлијателни православни цркви водат паралелна црковна дипломатија покажува дека прашањето за признавањето на автокефалноста на црквите во Македонија и во Украина не е само декларативна најава, туку сериозно прашање за кое Вселенската патријаршија се залага да биде решено. Од друга страна, според познавачите на состојбите, РПЦ се обидува да го спречи таквиот процес. Прво, затоа што е директно засегната со Украина и, второ, ако се дојде до вакво решение преку Вселенската патријаршија, РПЦ ќе изгуби дел од моќта кон која тежнее во православниот свет.
Некои црковни аналитичари, пак, сметаат дека Вселенската патријаршија ќе опстои на својата идеја да се затвори прашањето со расколите во православниот свет, но и дека е можно да се случи вселенскиот патријарх да се повлече ако не успее да добие доволно поддршка кај помесните православни цркви.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека признавањето на МПЦ-ОА зависи од одлуките на вселенскиот патријарх Вартоломеј, односно дали тој ќе се повлече на притисоците од Руската црква или, пак, ќе оди докрај и ќе издаде томоси за автокефалност на црквите во Македонија и во Украина.
– Ставот на РПЦ ќе биде решавачки фактор доколку вселенскиот патријарх не ја признае автокефалноста на МПЦ и на Украинската црква-киевски патријархат. Сега Руската црква лобира против признавање автокефални цркви од страна на Вселенската патријаршија. Конфронтацијата меѓу црковна Москва и Фанар е за битка на превласт во православието. Ако вселенскиот патријарх е подготвен за таков судир со Москва, ќе им додели томоси на православните цркви, но ако не е, тогаш ќе отстапи. Тој и претходно ги знаеше ставовите на Руската и на Српската црква, но ги зеде во процедура за решавање овие отворени прашања. Проблемот е што ако отстапи од оваа ситуација, ќе излезе со намален углед во православниот свет – нагласува Ѓорѓевски.
Москва се заканува со раскол во православието
Шефот на руската дипломатија, Иларион Алфеев, пред посетата на Атина, а по посетата на други православни цркви, изјави дека тоа што се обидува да го направи Вселенската патријаршија може да предизвика силен потрес во православниот свет и да доведе до раскол сличен на оној од 1054 година, кога црквата се поделила на Римска и Константинополска, односно денешната Римокатоличка црква и Православна црква. Од тие причини, Алфеев се обидува да ги убеди православните цркви дека иницијативата за признавање автокефална црква во Украина е политички мотивирана и дека решенијата не може да се бараат без согласност на црквите-мајки. Во своите изјави тој директно не ја спомнува МПЦ.
Вселенската патријаршија неколкупати во своите соопштенија посочува дека има должност и обврска за решавање на канонскиот статус на црквите во Украина и во Македонија и дека бара најсоодветен начин како да се стигне до конечно решение. Меѓу поконкретните изјави беше онаа на вселенскиот патријарх пред десетина дена, во која вели дека тоа што некој се наоѓа надвор од заедничко општење не може да биде причина цели народи да бидат ставени во изолација.
– Кога некој наш брат е окарактеризиран како шизматик или еретик, а уште повеќе кога цел народ со милиони луѓе се наоѓа надвор од канонската црква под изговор на шизмата, тогаш ние сме повикани итно и без никакво одолжување да покажеме духовна мудрост и апостолска будност, зашто кога страда еден дел, тогаш страдаат сите делови, кога се слави еден од деловите, тогаш со него се радуваат сите делови – пишува во соопштението од Вселенската патријаршија.
Односите во православието тема и во „Економист“
Угледниот светски магазин „Економист“ пишува за случувањата во православниот свет и за судирот на моќ меѓу Вселенската и Московската патријаршија, особено за прашањето на Украина. Во текстот, главно, се пренесени фактографски моменти од историјата на односите меѓу Киев и Москва. Таму директно не се споменува македонското црковно прашање, но затоа магазинот анализира дека обидите на вселенскиот патријарх, како прв меѓу еднаквите, да ги затвори отворените прашања во православието ги минира РПЦ, која, според магазинот, е во корелација на руската државна политика.