Според податоците добиени од ПВТ-програмата (паралелно сумирање на гласовите), која претставува математичко-статистички научен метод, одзивот на гласачите до 14 часот е 26,3 отсто, до 15 часот е 30,6 отсто, додека до 16 часот е 34,8 отсто, соопшти „Мост“.
Од таму информираа и за неправилности што се случиле за време на гласањето на три избирачки места.
На ГМ 1049/1, во Куманово, гласач сакал да го напушти гласачкото место без да биде обележан со невидливиот спреј. Била повикана полиција и со нејзина асистенција гласачот бил обележан со спреј.
Пред ГМ 0876 во Чешиново-Облешево настанала расправија помеѓу два набљудувачи на различни кандидати. Едниот набљудувач бил обвинет од другиот набљудувач дека им асистира на гласачите каде да гласаат, односно во која просторија да гласаат. Во расправијата се вклучиле и други претставници на кандидатите коишто биле пред гласачкото место по што интервенирала полицијата, ги легитимирала двајцата набљудувачи и ги отстранила од пред гласачкото место. За време на настанот гласањето се одвивало без проблеми.
На ГМ 1354 во Прилеп, околу 13.30 часот, во период од 10 минути двајца членови на избирачкиот одбор биле отсутни при што набљудувачи на кандидатите ги обележувале гласачите со спреј.