Прелиминарната оцена на граѓанската асоцијација МОСТ е дека и во вториот круг од изборите за претседател на државата граѓаните слободно излегоа да го дадат својот глас и дека гласањето е спроведено во фер и демократска атмосфера.
– Во текот на изборниот ден беа забележани само неколку изолирани случаи на неправилности што не влијаеја на квалитетот на изборниот процес – посочи претседателот на МОСТ, Дарко Алексов.
МОСТ го поздрави однесувањето на Државната комисија за спречување на корупцијата на овие избори и ја повтори препораката во најскоро време надлежните институции да ги отстранат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на избирачкиот список, иако на овие избори не беше забележан поголем број избирачи што не можеа да се пронајдат во избирачкиот список.
– Иако ДИК ја продолжи позитивната практика од референдумот и при одлучувањето по приговорите, во првиот круг не можеше да се забележи гласање по партиски линии, сепак ДИК во четири случаи поништи гласање без да го отвори целокупниот изборен материјал, а тоа е обврска предвидена со изборниот законик. Исто така, еден приговор беше отфрлен, иако во записникот од избирачкото место имаше забелешка што укажува на тоа дека ИО не го спровел гласањето во согласност со изборниот законик – нагласи Алексов.