Дебатата во Собранието започна завчера со експозето на мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев, кој пред пратениците ја претстави предлог-програмата за работата на Владата. Тој, меѓу другото, истакна дека новата влада ќе се посвети на решавањето на здравствената криза, економскиот раст на земјата, реформите во администрацијата, но и на владеењето на правото и борбата против корупцијата
Собраниска дебата за избор на нова влада
Пратениците во македонското собрание синоќа требаше да ја изберат новата влада предложена од мандатарот Зоран Заев, на што претходеше дводневна собраниска расправа на која пратениците од редовите на власта и опозицијата ги вкрстија аргументите зoшто треба, односно не треба да биде избрана новата влада. Дебатата во Собранието започна завчера со експозето на мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев, кој пред пратениците ја претстави предлог-програмата за работата на Владата. До затворањето на весникот вчера, сепак, не дојде до гласање за новиот владин состав. Но во меѓувреме мандатарот, меѓу другото, истакна дека новата влада ќе се посвети на решавањето на здравствената криза предизвикана од ковид -19, на економскиот раст на земјата, реформите во администрацијата, владеењето на правото, борбата против корупцијата и чиста животна средина. Реагираа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои ја критикуваа владината програма. Според нив, не се доволни напорите на власта во борбата против корупцијата, но и дека не е направено доволно за растот на економијата и за развојот на образованието. Критики кон власта упатија и пратениците од коалицијата на Алијанса за Албанците – Алтернатива.
Тие оценија дека предложените министри од редовите на ДУИ нема да придонесат за зголемување на стандардот на Албанците. Опозицијата уште еднаш го изнесе своето мислење дека Владата ќе има краток рок на траење и најавија голем број протести наесен. На вчерашното продолжение на седницата прв зборуваше пратеникот Павле Трајанов, кој посочи дека македонското општество е премногу поделено и раскарано по повеќе основи. Тој побара новата влада да направи брзи реформи во безбедносниот систем и во правосудството. Според него, неопходни се уставни промени за да се јакне одговорноста на извршната власт, земјава да прерасне во една изборна единица со отворени листи и без изборен праг на идните избори. Следуваше излагањето на Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, кој го опиша Заев како „топ-шоп мандатар“, потсетувајќи на многубројните неостварени ветувања. Реплицираше Заев, кој рече дека тие се „дормео-опозиција“, која ги преспала сите важни одлуки што се донеле во земјава во изминативе години.
Во одбрана на Јанушев застана Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Таа, во процедурална дискусија, му забележа на Џафери затоа што се заканувал дека ќе го исклучи Јанушев од расправата и затоа што дозволил Заев да критикува пратеници, иако се избира влада на СДСМ, а не на ВМРО-ДПМНЕ. Таа рече ќе им донесе снимки од други парламенти, за да видат како се презентира владина програма.
– Ви се смеат сите амбасади, се срамам што сум тука – рече Силјановска-Давкова.
Потоа следуваа серија процедурални забелешки за тоа какви излагања треба да дозволува собранискиот спикер, односно дали треба да ги прекинува доколку тие употребуваат разни квалификации за своите колеги. Димитар Апасиев од Левица побара од претседателот да ги користи искуствата од постарите демократии, наведувајќи пример од британскиот парламент каде што се дозволува употреба на разни квалификации, но под услов да не ја минуваат границата на пристојното. Поранешниот министер за образование и пратеник од редовите на ДУИ Арбр Адеми се пофали со успесите што ги постигнала претходната влада и најави прогрес и со оваа влада.
По неколкуте реплики за претходното работење на Адеми, претседателот Џафери даде пауза. Пратениците за изборот на новата влада требаше да се изјаснат вчера најдоцна до полноќ. Инаку, новиот владин состав треба да има 19 министри и премиер, а за нејзиниот избор е неопходно просто мнозинство, односно 61 пратенички глас. Владиното мнозинство од 62 пратеници е составено од коалицијата „Можеме“, како и од политичките партии ДУИ и ДПА.