Фото: Игор Бансколиев

Анализата на ДЗС покажува дека „огромно мнозинство од младите или над 90 проценти го користат интернетот за игри, забава и денгубење“, додека многу мал процент од младите или 9,2 проценти го минале своето време на интернет продуктивно, за да бараат работа, да аплицираат за работни позиции онлајн или едноставно да се едуцираат. Како гледаат психолозите, социолозите, универзитетските професори и економистите на ваквиот феномен и што сметаат дека треба да се промени

АНАЛИЗА НА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА ОТКРИВА ИЗНЕНАДУВАЧКИ ПОДАТОЦИ

Младите во Македонија повеќе време минуваат на интернет за игри и забава отколку што го користат интернетот за да аплицираат за работа или како можност за заработка. Ова се заклучоците презентирани во најновиот извештај на Државниот завод за статистика (ДЗС) посветен на користењето информатичко-комуникациски технологии во домаќинствата и кај поединците во нашата земја.
Според истражувањето, дури 91,1 отсто од младите лица од Македонија од почетокот на 2021 година, па досега, го користеле интернетот за телефонирање и видеоповици со употреба на апликациите како Скајп и Фејстајм, а 88,3 отсто од нив на возраст меѓу 15 и 24 години биле заинтересирани за учество на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.
Анализата на ДЗС покажува дека многу мал процент од младите или 9,2 проценти го минале своето време на интернет за да бараат работа и да аплицираат за работни позиции онлајн. Дополнително, во документот се наведува и дека е низок процентот на младите, односно е помал од 10 отсто, што го користеле интернетот за да продаваат производи или услуги онлајн, или да учествуваат во онлајн консултации и образовни семинари.

Младите генерации кај нас не негуваат навики поврзани со работната дисциплина

Во светло на овие показатели, интересно е контекстуално да се поврзат претходно споменатите показатели со информацијата дека нашата земја е во врвот на листите на земји во Европа каде што млади луѓе на возраст од 20 до 34 години се невработени. Според последните податоци на Евростат, во Македонија од вкупната стапка на невработеност во земјата младите на возраст до 29 години претставуваат 46 проценти од сите невработени.
Психолозите, социолозите, универзитетските професори и економистите со кои се консултиравме велат дека младите генерации во нашата земја едноставно не негуваат навики поврзани со работната дисциплина како оние младинци во земјите од Западна Европа, Азија и од Америка. Според нив, токму затоа младите се и најмногубројна категорија на невработени во земјата.
Социологот Илија Ацевски вели дека, според неговите истражувања, околу 60 проценти од нашите младинци иако се невработени не се ни обидуваат да се вработат, а сето тоа е несакан производ на нашето општество, кое не гради култ кон работните навики, како оној на пример во Јапонија, САД или во некои земји од Западна Европа.
– Во моите истражувања сум заклучил дека младинците во Македонија во просек во текот на денот поминуваат повеќе од осум часа на интернет, буквално колку траењето на еден работен ден, но за тој период тие прават сѐ само не корисни и полезни работи – вели социологот.
Тој објаснува дека состојбите се лоши бидејќи младите луѓе иако ги впиваат сите информации од интернет, тие сепак не можат да расудат што е полезно за нив, а што не.
– Од сето кажано не е тешко да се заклучи зошто младите „висат“ на социјални мрежи, а истовремено не го прават истото тоа за да се обидат да започнат да заработуваат од нивните паметни телефони или да се вработат во компании што дејствуваат на интернет – вели Ацевски.
Тој советува дека ние како општество мораме да ги промениме овие состојби кај младите ако сакаме да имаме просперитетна иднина за нашата држава.
Психологот Милка Ололоска вели дека за неа ваквите состојби на интернет се очекувани, а сето тоа се должи поради факторите во семејствата во кои се израснати нашите млади луѓе.
– Проблемот лежи во семејствата, бидејќи таму во најголем дел никој не им стекнува на младите работни навики. Родителите сѐ на сребрен послужавник им сервираат, па нашите млади дури се неспособни да си приготват да јадат, да вклучат и употребат домашни апарати, како машини за перење и шпорети. Натаму родителите им даваат пари на младите, а продолжуваат да го прават тоа и кога ќе пораснат нивните деца, однесувајќи се кон нив како да се малолетни. Дополнително во образованието никој не се ни труди да им ги промени навиките и некако сето тоа завршува со фактот дека нашите млади се неспособни да се грижат самите за себе, а сето тоа е евидентно од нивното однесување на интернет, кое во моментов најмногу може да се забележи бидејќи живееме онлајн за време на пандемијата – вели Ололоска.
Психологот објаснува дека нашите млади кога ќе заминат во странство за разлика од дома веднаш лесно се вклопуваат во системите на тие земји, каде што студираат и учат.
– Нашите млади во странство, кои таму учат со стипендии, од нивните врсници ги „купуваат“ вредностите за работните навики и таму во странство младите не се однесуваат исто како во Македонија. Тие таму се успешни, прогресивни и вредни и не се однесуваат како во Македонија – вели таа.
Според неа, работните навики ги снемува и поради колективните навики на нашата младина.
– Ако некое дете работи во кафуле или фирма за време на летниот распуст, тогаш неговите блиски го исмеваат зашто се понижил да работи за „мали“ пари, а всушност младата личност си собира пари за одмор. Другите негови врсници спротивно од секаквата логика го исмеваат и токму затоа се ретки примерите на млади што на интернет трагаат по работа и ангажман или наука наместо да гледаат смешни видеа на социјалните мрежи – вели таа.

Како до култот кон работната дисциплина?

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека оваа анализа и истражување покажуваат дека младите во нашата земја иако на многу рани години стануваат експерти за интернет, тие сепак го користат недоволно или, пак, го употребуваат на погрешен начин.
Професорот вели дека од големата бројка на невработени во земјата најголем процент од нив се токму младите, кои наместо да бараат своја можност за вработување на интернет, кога се во пандемијата е онлајн, алатката ја користат за шеги и споделување смешни слики и видеа.
– Потрагата по подобра заработувачка и култот кон работната дисциплина се нешто што недостига во менталитетот на нашите млади. Тие, за жал, сѐ уште се потпираат на тоа дека работното место ќе го добијат на традиционален начин кога физички ќе се отвори некој оглас за работа во некоја компанија или, пак, ќе се вработат по препорака и со помош на нивните родители. Јас верувам дека за да ги смениме фактичките состојби на терен, државата треба да преземе посериозни чекори – вели Узунов.
Тој предлага да се воведе во образовниот систем, во основните и средни училишта, обука за тоа како на исправен начин се користат интернетот и социјалните мрежи од ИТ-експертите.
– Ако има ваква обука, особено во средните училишта, младите ќе разберат дека алатката за вработување им е 24/7 во нивните раце, а тоа е нивниот паметен телефон. Само на ваков начин можеби можеме да ги промениме нивните навики, кои, за жал, не важат само за Македонија туку се олицетворение на целата регионална младина – вели професорот.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит додава дека неговата работа со студентите и со младите и во Македонија, но и со оние во европските земји покажала дека културата на употребата на интернет е поврзана буквално со сѐ, освен со потрагата за работни можности.
– Јас разбирам дека секое ново време носи нов тренд на однесување кај младите, особено во време кога целиот живот е преточен на интернет. Но начинот на кој ги користат младите интернетот и социјалните мрежи нема никаква економска логика. Тие 99 проценти од времето го минуваат во виртуелниот простор и таму научиле да функционираат и живеат како во вистинскиот свет, но разочарувачки е што тие не научиле во тоа нивно дејствување и да заработуваат или барем да се трудат да заработат – вели професорот.
Тој резимира дека сето тоа се должи на слабата контрола на државите и општеството на виртуелниот простор на кој најмногу функционираат младите со нивните лаптопи и мобилни телефони.
– Ако општествата, меѓу кои се и македонското и чешкото, изнајдат во наредниот период успешна формула како да го регулираат просторот на интернет во кој „живеат“ младите, верувам дека и во практика ќе се смени и однесувањето на популацијата на државите на интернет. Па наместо младинците да споделуваат видеа на социјалните мрежи и слики, тие ќе споделуваат апликации за работа и кратки биографии за посетување курсеви и обуки, кои во професионална смисла ќе им помогнат поуспешно и поефективно да го пребродат тешкото време што допрва следува во Европа со економската криза, која ги прекри економиите на сите земји – вели професорот.

[email protected]