Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, говорот пред својата пратеничка група на вчерашниот состанок го почнал со прашањето за името и договорот од Мала Преспа, упатувајќи критики до актуелната грчка влада.
Како што пренесе МИА, Мицотакис кажал дека уставните измени во Македонија се уште полоши од самиот договор, но и повтори дека неговата партија нема да гласа за ратификација на решението меѓу двете земји.
– Во скопското прашање, договорот од Преспа континуирано го зголемува бројот на веќе завршените негативни факти, како што се чини од процесот на ревизија во соседната земја. Оние работи што се носат за ревизија во новиот устав на Скопје се уште полоши од самиот договор од Преспа. Односно да го кажам ова поедноставно: со нејзините одлуки, Владата му дозволи на Скопје веќе да се подбива со Грција – рекол Мицотакис пред пратениците од Нова демократија.
Лидерот на најголемата грчка опозициска партија уште еднаш порачал дека тие нема да гласаат за договорот од Преспа и истакнал дека грчкиот премиер Алексис Ципрас „се обврзал ратификацијата во парламентот да биде пред изборите, стремејќи се кон некоја трампа“.
– Уште еднаш ќе кажам, Нова демократија нема да гласа за договорот од Преспа, ниту сега, ниту по изборите. А единствен начин, со сигурност, да не се ратификува овој договор е да се одржат национални избори пред тој да дојде во парламентот. Но, очигледно е дека господин Ципрас се обврзал скопското прашање да го помине во парламентот, пред земјата да оди на избори и дека се стреми кон некаков вид трампи. Едно е сигурно, не станува збор за трампи што ќе бидат во корист на земјата, туку за некои привремени политички бенефиции за кои господинот Ципрас има илузија дека ќе им служат нему и на неговата партија – рече претседателот на Нова демократија.
Мицотакис во продолжение ја спомена и оставката на Никос Коѕијас и уште еднаш праша зошто Ципрас не го објавува писмото од поранешниот министер за надворешни работи на Грција, како и записниците од владината седница, која беше пресудна Коѕијас да ја напушти Владата.