Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи на денешниот протест против поскапувањето на електричната енергија, упати три барања до Владата, на кои рече дека треба да одговорат во наредните денови.
– Прво барање – враќање на старата цена на стујатата преку намалување на тарифата на универзалниот снабдувач;
Второ барање – викенд без ДДВ во септември како што беше ветено пред изборите;
Tрето барање – професионализација на регулаторната комисија за енергетика со надпартиски кадри – посочи Мицкоски.
Тој во говорот одговори и за прозивките од портпаролите на СДСМ за тоа кој ги плаќа овие протести.
– Ова е честит народ кој веќе не може да ги трпи неправдите и затоа излезе на улица – објасни Мицкоски.
Партискиот лидер го посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, како директно одговорен за покачувањето на цената на струјата и обвини дека тој и слугува на мафијата на власт.
Мицкоски порача дека отпорот и протестите ќе продолжат се додека мафијата на власт не биде детронизирана, зошто како што рече, на власт дошла преку поткупени избори.
– Ќе не има насекаде низ цела Македонија, нема назад, нема повлекување. Народот е заситен и не може веќе да трпи, затоа излегува на улица – порача Мицкоски, на првиот од серијата најавени протести на ВМРО-ДПМНЕ.