Ценам дека излезноста на претстојните парламентарни избори ќе биде помала од вообичаената. Не очекувам сценарија за многу ниска излезност. Сепак можеби нема да стигнеме до 65-67 проценти, како вообичаено, но ќе биде кредибилна за да идната влада, што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, веднаш да се зафати со структурни реформи и излез од кризата, потенцираше попладнево Христијан Мицкоски во Прилеп по средбата со прилепските стопанственици.

Според него, имало конструктивна средба со претставниците на Регионалната стопанска комора – Прилеп.

– Зборувавме за предизвиците со кои се соочуваат стопанствениците, луѓето од бизнис секторот. Претставниците на компаниите ни ги презентираа нивните размислувања, ги анализиравме дел од политиките кои ВМРО ги предлага во изборната програма, односно ќе бидат дел од програмата на Владата. Го спомнавме автопатот од Скопје – Прилеп – Битола до границата, што е одамнешна желба за овој регион. Овој проект ќе го подобри квалитетот на живот, како и комуникацијата на бизнис-заедницата.

Зборувавме за политиките во земјоделството со акцент на тутунопроизводството, за реформите во образованието, за дигитализацијата за фискалната политика. Имавме корисна средба на која го презентиравме нашето и имавме интеракција – рече Мицкоски, посочувајќи дека голем е предизвикот во економијата, особено во време на ковид-пандемија.

Ка.М.