Членството на ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира за да се поништи законот за попис кој ќе се донесе, најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, а доколку пописот сепак се случи резултатите нема да бидат признаени.
– Ќе има иницијатива за собирање потписи во Министерството за правда, предлог закон во Собранието за поништување на овој закон кој по насилен пат владејачкото мнозинство се обидува да го донесе – вели Мицкоски.
На вчерашниот состанок на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се дискутирало за пописот и било заклучено дека попис е потребно да има, но тоа да биде статистичка, а не политичка операција. Мицкоски ги наведе Германија, Шкотска, Ирска, Романија и Србија како земји кои го одложиле пописот кој требало да се случи годинава.
Според него попишувањето кое е предвидено без покажување на било каков доказ, со диктирање на матичниот број, е подложно на злоупотреба.
– Дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без да докаже дека тие се резиденти на Македонија – праша Мицкоски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, попишувањето со терминали за отпечаток од прст е вистинскиот начин за пописот да не биде злоупотребен.