Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку социјалните мрежи повика на натпартиски протест за одбрана на црвените линии во преговорите со Бугарија, кои како што вели, се последниот бедем на нашиот идентитет.
– Утре во 18 часот, од СЦ Борис Трајковски до Влада. Протестот, поради запазување на здравјето поради коронакризата, ќе биде со автомобили. Овде не се работи за партии, овде се работи за Македонија, за Илинден и АСНОМ, за она што сме и она што сакаме да останеме – порача претседателот на опозициската партија.
Според него, Македонија е за пријателство, но пријателството значи взаемно почитување.
– Ако нема почитување, нема да се разбереме. Да не бидеме неми, да бидеме гласни пред да биде предоцна – повикува Мицкоски.
– Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден, а Народноослободителната борба е дел од европската борба за слободни народи – додава тој.