Да се фокусираме на решавање на реалните проблеми на граѓаните и да гледаме државата да оди напред, наместо да го коментираме ова реално шоу и воајерски клипови. Тоа ниту ќе даде вредност на квалитетот на животот, ниту ќе направи нешто добро за државата. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го коментираше вчерашното видео на Никола Груевски од Будимпешта што беше пласирано во медиумите.
Мицкоски денеска ги упати новинарите директно да го прашаат Груевски во врска со неговата логистика во Будимпешта, користењето возило со личен шофер и посетувањето елитни ресторани.
-Треба да го прашате Груевски за тоа. Претпоставувам ќе ви даде соодветен одговор. Лично, како Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, немам коментар, ниту знам кое е возилото или кој е шоферот, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по доделување на наградите на најдобрите 100 компании од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Мицкоски нагласи дека досега немал никаква комуникација, ниту пак има сознанија дека некој од партијата се сретнал со Груевски.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Законот за амнестија, Мицкоски го повтори ставот дека „партијата ќе застане зад секое решение што ќе значи решение за лицата кои се под политички прогон на оваа влада“.
Во врска со актуелната економска политика, Мицкоски ја нарече „пиши, бриши“ и без структурни реформи.