Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Куманово порача дека треба да се почитува договореното, односно на 3 јануари да се формира техничка влада, а на 12 април да се одржат предвремените парламентарни избори.
Запрашан дали ВМРО-ДПМНЕ може да прифати некакво одложување или цврсто стои на ставот дека изборите мора да бидат на 12 април, Мицкоски рече дека помеѓу политичките партии на лидерската средба постигнат бил договор кој треба да се почитува.
– Тоа е договор којшто е постигнат во присуство на претседателот на државата и премиерот на државата Зоран Заев. Таму беа претставници на политички партии. Се разговараше и за можностите што денес се наметнаа како дилема и кои ги рефлектираат од страна на СДСМ. Јас мислам дека загриженоста повеќе се темели на стравот од катастрофален пораз на следните предвремени парламентарни избори. Доколку парламентарното мнозинство продолжи да се однесува на тој начин, не само што ја загрозуваат демократијата, не само што влијаат врз изборниот процес, туку комплетно ја делегитимираат последната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски и на тој начин само дополнително создаваат недоверба кај граѓаните во Македонија – рече Мицкоски.