Борбата штотуку започна и нема запирање додека не ги поразиме. Првата победа ќе биде на претседателските избори. Во април доаѓа големата победа, која ќе најави предвремени парламентарни избори кога народот ќе дојде и ќе им каже „излажавте еднаш, ви помина, два пати не измамивте, но третиот пат дојдовме по своето, а секој еден од вас ќе ја добие заслужената казна“, истакна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржаа протестен марш, движејќи се од седиштето на партијата до Владата, каде Мицкоски порача дека народот на следните избори ќе им покаже дали наместените анкети се вистинската слика во Македонија, истакнувајќи оти и покрај тоа што ги местат анкетите, ВМРО-ДПМЕН, повторно води.
– Само од почетокот на оваа година, заклучно со третиот квартал не задолжија за дополнителни 350.000 милиони евра или секое семејство го задолжија за дополнителни 45.000 денари, тоа е јавниот долг, а државниот долг е на рекордно најголем максимум во последните 15 години, преку 40 отсто од БДП. Кога сме кај бруто домашниот производ, се колнеа, се пеналеа во 2016 година, велеа ние ќе ја растеме економијата со минимум пет проценти годишно. Помина речиси половина мандат, ни половина од тие пет проценти за овие две години не успеаа, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи оти ветуваа дека Фејсбук и Гугл ќе дошле во Македонија, а домашните успешни ИТ компании ги бркаат.
Нагласи дека луѓето си одат бидејќи им се зголемени даноците, оти ветувале пари кај народот, а не само што не одат парите кај народот туку парите се во владиниот буџет со зголемени даноци.
Мицкоски рече дека нема поврат на ДДВ, одлив на странски инвестиции, туку како што посочи, само лаги и црнила во економијата во Република Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од министрите за внатрешни и надворешни работи Оливер Спасовски и Никола Димитров, како и повлекување на законските одредби за покачување на даноците.
Побара веднаш рестартирање на проектот за целосна гасификација на Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара да биде прекинат политичкиот прогон, да биде формирана комисија-тело кое ќе ги преслуша, анализира и систематизира разговорите снимени изминативе две години додека се прислушкувале судии и обвинители и да се утврди одговорноста и да се казнат нарачателите и сторителите.