Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната пленарна седница побара втората точка од денешниот дневен ред, предлог-одлуката за одредување на бројот на потпретседатели, да се тргне од дневен ред.
– Барам втората точка од денешниот дневен ред – предлог-одлука за одредување на бројот на потпретседатели – да се тргне од дневен ред од една и единствена причина затоа што како и во 2017 година, продолжувате со зголемените обврски и трошоци што ги предизвикуваат овие дополнителни функции што ги имате – истакна Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница.
Според Мицевски, несериозна работа, ќе се воведеме во сала полна со пратеници, ќе се повикаат потпретседатели и нема да знае кој да се сврти во моментот. Тој укажа дека во 2017 година ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандмани и тој амандман од страна на власта и собраниското мнозинство не бил ниту разгледан.
– Ние сме против ова расипничко трошење и воведување 5 потпретседатели, кои со себе повлекуваат 5 кабинети. Знаеме што значат 5 кабинети и колкава е обврската имајќи предвид дека во изминатите три години господинот Џафери, освен еден потпретседател, ниту еден друг не го замени. Ако е само тоа да се задоволат коалициските страсти, јас ве разбирам, меѓутоа не можете пред македонската јавност да кажувате дека се борите за намалување на трошоците, за намалување на обврските и за зачувување на средства во буџетот – додаде Мицевски.