На денешната седница на Собранието процедурално се обрати пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски кој се осврна на работата на парламентот.
Мицевски во своето излагање потенцираше дека во Парламентот одреден период наназад се чувствуваат „празнините и аномалиите на парламентарното мнозинство“, односно на неколку седници кои што се одржаа изминатиот период, како што рече, пратениците од власта не можат да го соберат потребниот кворум.
– СДСМ и коалиционите партнери да имаа мнозинство какво што очекуваа, ќе ја продолжеа и 34-та седница во која има над 70 точки, но бидејќи немаат мнозинство во парламентот, избегнуваат да ги отвораат темите. Тоа доволно кажува за неревносното работење на парламентарното мнозинство и за несигурностите кои ги имаат во редовите одреден период. Ваквиот начин на работа покажува дека ситуацијата не е добра и наскоро ќе треба да се размислува за посериозно парламентарно мнозинство – истакна Мицевски.
ВМРО-ДПМНЕ рече тој, очекува власта да има слух за тутунарите и да се отворат прашањата кои ги засегаат овие луѓе, но според него власта очигледно нема слух за проблемите на оваа категорија на граѓани.
– По однос на тоа прашање, ВМРО-ДПМНЕ побара да се одржи посебна седница на која ќе се расправа за проблемите на тутунарите и законот за тутун. Бидејќи парламентарното мнозинство не присуствува на седниците и нема намера да работи за доброто на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе прави кворум на таа седница и ќе учествува активно во разгледувањето на законот на тутун, бидејќи на тие луѓе мора да им се помогне – заврши Мицевски.