Заев ветува инвестициски пакети кои нема никогаш да ги реализира само за да ја дефокусира јавноста од корупциските афери кои се врзуваат за него и неговата влада, изјави Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
– Зоран Заев вчера промовираше нов пакет со стари лаги зголемен за уште милијарди евра инвестиции кои по правило остануваат на хартија. Исто како и во 2019 година кога Заев проектираше ист ваков лажен пакет инвестиции вреден 5 милијарди евра, пак ги ветуваше истите патишта, истите, енергетски проекти, болници, клинички центар, училишта, водоводи, прочистителни станици, железници. Но, во реалноста од овие работи има едно големо НИШТО поради неспособноста и неработењето – рече таа.
Според Митева, реализацијата на капитални инвестиции од почетокот на оваа година заклучно со месец мај изнесуваат само 22%, што значи, додаде таа, дека и оваа година е уште една во низата на промашени години со катастрофално ниска реализација на проекти.
– Ова значи дека сите ветувања на Заев за инвестиции во инфраструктурата му се како лажното ветување дека ќе изгради 500 километри нов автопат. За да се обиде да биде поубедлив во лагите, Заев вчера почна да се расфрла со странски инвестиции и јавно-приватни партнерства, исто како што пред неколку години ги ветуваше инвестициите на Гугл, Фејсбук и Фолксваген. Патем изминатите години Македонија е на дното по странски инвестиции во регионот – рече Митева.