Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со Антонио Мисироли, заменик-генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици, кој престојува во официјална посета на Македонија.
Џафери, на почетокот на средбата изрази голема благодарност за поддршката што НАТО Алијансата ја дава на Македонија.
Тој подвлече дека во сите негови досегашни државни функции бил активно вклучен во прилагодувањето на државната структура кон стандардите на НАТО, особено во кризниот менаџмент и координацијата меѓу институциите во справувањето со безбедносните предизвици.
Претседателот изрази очекување дека во оваа сложена процедура ќе имаме стручна и техничка помош и поддршка од специјализираните НАТО структури, но и од НАТО земјите членки, како во заштитата на безбедносните системи така и во аспектот координација.
Мисироли изрази задоволство од досегашните постигнувања на Македонија на планот на евроатланската интеграција и поентираше дека последната милја од маратонот е веќе започната и се гледа финалниот резултат – полноправното членство во Алијансата до крајот на оваа година. Истовремено изрази и очекување дека во октомври ќе биде доделен датум за отпочнување преговори со Европската унија, со што земјата ќе ги заокружи повеќедецениските интеграциски процеси во НАТО и ЕУ.
Го радува фактот што државните институции покажуваат голема подготвеност соодветно да одговорат на новите безбедносни предизвици и хибридните закани, како во воената и одбранбената сфера, така и во цивилниот сектор и кризниот менаџмент. Понуди и конкретна стручна помош и поддршка од НАТО специјализираните тимови, во рамките на Програмата на НАТО за мир и безбедност.
Соговорниците разговараа и за значењето и улогата на парламентарната дипломатија, активната меѓународна соработка и вклученост и визибилност на Собранието на меѓународните парламентарни и интерпарламентарни настани и форуми, како и успешното менаџирање на внатрешниот баланс меѓу политичките сили во земјата, а се во насока на градење на функционален парламент и силна и просперитетна Македонија, како респектирана држава идна членка на НАТО и Европската Унија.