Продолжува политичкото разногласие во однос на новиот закон за јавно обвинителство.
Законот за јавно обвинителство се подготвуваше долг временски период од работна група во која учествуваа домашни експерти, научна јавност, јавни обвинители, но исто така и странски експерти и странски јавни обвинители, кои даваа сугестии и мислења за одредени прашања поврзани со законот, реагираат од Министерството за правда.
Реакцијата следуваше како одговор на вчерашната прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој повика новиот закон за ЈО да го подготват експерти и професори од Правниот факултет.
– ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку е против партиски закон за јавно обвинителство со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Затоа предлагам законот за јавно обвинителство да дојде од експертите и професорите од Правниот факултет што имаа релевантност и искуство од оваа материја и беа дел од јавната дебата. Професионализмот да го ставиме над партиските интереси, а законот што тие ќе го предложат, безрезервно и без двоумење ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати – порача Мицкоски.
Од Министерството за правда, пак, велат дека законот сè уште е на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, може да подготви амандмани на тој текст.
– Сè друго е алиби за недонесување на законот и избегнување на правдата – посочуваат од Министерството.
Според нив, несериозно е да се бара подготвување на нов текст на законот за јавното обвинителство, бидејќи работната група го подготвувала текстот повеќе од две години, а преговорите за законот траеле веќе една година.