Од пред два дена во Србија, Грција, Словенија, Турција и други земји во регионот започна вакцинирањето против ковид-19, а во Македонија државата нема набавено ни вакцина, ниту има стигнато милостина од државите кои навремено си обезбедиле вакцини од производителите, наведува на социјалните мрежи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Тој оценува дека со тоа, од страна на државата, сериозно е повредено граѓанското право на живот, со ненавремена и неефикасна здравствена заштита.
Милошоски вели дека секој што ќе претрпи штета од ковид-19 може да ја тужи државата.
– Затоа од вчера па натаму, секој граѓанин или семејство, кој/кои ќе претрпат посериозни штетни здравствени последици од ковид-19, или истото резултира со трагичен исход по животот на граѓанинот, има законско право да ја тужи државата за тоа и тој/таа или блиското семејство да бара обесштетување. Основа за заштита на ова право на граѓанинот, како и основа за тужба пред македонските судови или пред Судот во Стразбург се членот 39 од Уставот, член 2 од Конвенцијата за заштита на човековите права, како и обврските на државата утврдени во Законот за здравствена заштита – пишува Милошоски.