Министерот за надворешни работи Бујар Османи оценува дека две недели се доволни да се надминат сите разлики со Бугарија, околу нејзините услови што ги постави минатата година со ветото, и да се постигне договор за да биде усвоена преговарачката рамка со ЕУ за Македонија. Спротивно од него, експертите се категорични дека во овој момент многу е важно вистинско, темелно и одржливо, а не избрзано решение за билатералниот спор со Бугарија, за да не ни се повтори Преспа
Можно ли е решение со Бугарија за 14 дена
Подгревањето надежи за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, и покрај сите претходни искуства со ветата и изневерените ветувања за ефектуирање на таквиот чин, во македонскиот политички амбиент на некој начин се претвори во „рутинска реторика“ на одговорните за процесот, пред самитите на ЕУ. Новиот датум за „датум“, со кој се оперира во изјавите на македонските политичари е 14 декември, и покрај тоа што динамиката на процесите, причинско-последично поврзани за поместување на евроинтегративната состојба на Македонија, не одат во прилог на реалните шанси да се случи тоа.
Сепак, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи оценува дека 14 дена се доволни да се надминат сите разлики со Бугарија, околу нејзините услови што ги постави минатата година со ветото, и да се постигне договор за да биде усвоена преговарачката рамка со ЕУ за Македонија.
– Ние очекуваме во наредните денови да има одредени конкретни чекори, во смисла на размена на предлози. Чекаме средба помеѓу експертите од двете министерства да се состанат и евентуално тие ставови да ги зближат уште повеќе, со можности да се најде одредено решение. Доколку се сака, доколку се сфати тежината на моментот, 14 дена се сосема доволни, врз основа на тоа што сме го сработиле досега, да се постигне договор – изјави министерот Бујар Османи.
Таквата процена на Османи се должи само на најавата за формирање политичка влада во Бугарија, за што тој верува дека ќе го олесни процесот на надминување на отворените прашања и со тоа и можно деблокирање на европскиот пат на нашата земја. Во прилог на своите очекувања за брзо решение за билатералниот спор со Бугарија, тој истакна дека во македонското МНР интензивно се работи на дефинирањето на одговорот на бугарскиот предлог со „5+1 точки“ и се очекува деновиве да биде доставен одговорот до Софија, па тоа да биде основа за следната рунда преговори. Инаку, утре, на 1 декември треба да се одржи првата седницата на новиот бугарски парламент, што, сепак, остава нејаснотии дали до одржувањето на Советот на ЕУ ќе се постигне договор со Бугарија. Особено што и сигналите од договорите на четирите партии што треба да ја составуваат новата бугарска влада, укажуваат дека не се планира суштинско поместување од претходно искажаните услови на Бугарија за македонските евроинтеграции, како во рамковната позиција на Владата така и во декларацијата на бугарското собрание. Дури, Кристијан Вигенин од Бугарската социјалистичка партија ја истакна важноста од постоењето патна карта (патоказ), во која јасно ќе бидат наведени обврските на Македонија кон Бугарија за кои сметаат дека треба да бидат дел од преговарачката рамка.
– Во таа патна карта треба да се вклучат за Бугарија чувствителните прашања и соодветно тие чувствителни прашања треба да бидат дел од преговарачката рамка на Европската Унија со С Македонија. Бидејќи без тоа да биде дел од преговарачката рамка ние немаме никаков реален институционален механизам што ќе гарантира дека РС Македонија, независно од смената на Владата таму, ќе ги исполнува обврските кога тоа ќе се случи – вели Кристијан Вигенин.
Земајќи ги предвид сите наведени околности, вклучувајќи ги и внатрешнополитичките процеси во Македонија поврзани со предизвиците за манифестирање парламентарно мнозинство, се поставува прашањето на што се темели оптимизмот на министерот Османи и што може да донесе избрзано решение за билатералниот спор со Бугарија, со цел итен почеток на преговорите за членство во ЕУ. Петар Богојевски од „Македонски концепт“, упатен познавач, па и активно вклучен, во тековите на македонско-бугарските односи, смета дека каков било избрзан договор би бил на штета на Македонија.
– Во овој момент многу е важно вистинско, темелно и одржливо, а не избрзано решение за билатералниот спор со Бугарија, за да не ни се повтори Преспа. Министерот Османи треба да ја знае народната поговорка „брза кучка, слепи кучиња раѓа“. А во случајот со Бугарија, избрзаното решение ќе значи засекогаш блокирање на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ. Во овој момент имаме одлична можност со новата проевропска влада во Бугарија, во чија програма веќе е внесена заложба за надградба на бугарската позиција во однос на Македонија. Сега е потребно да ја надградиме и македонската позиција, за да дојдеме во квалитетно решение. Доколку Заев, Османи, Димитров и Бучковски си дозволат старата бугарска рамковна позиција да стане официјален услов за влез на Македонија во ЕУ, тоа ќе значи засекогаш уништување на шансата на нашите млади поколенија да го реализираат нашиот сон за европска Македонија. Мојот предлог е: 1. Повлекување на компромитираниот Владо Бучковски од Софија; 2. Промена на членовите на историската комисија од двете страни, особено на бугарскиот дела, 3. Да ѝ се остави временски простор на новата бугарска влада од неколку месеци да ја заврши таа надградба на бугарската позиција, а во меѓувреме тој период ние да го искористиме за да ги прецизираме македонските национални интереси. Ветувањето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ до 14декември е обичен популизам! Тоа е нереално! Доколку се инсистира тоа да се случи заради внатрешнополитичките процеси во Македонија, тогаш сето тоа ќе биде на штета на Македонија – вели Петар Богојевски.
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски е категоричен дека македонската страна во преговорите со Бугарија, и во однос на каков било нов предлог, мора да се придржува до резолуцијата изгласана летово во македонското собрание.
– Македонија никако да се опамети. Постојано нѐ држат во лажен оптимизам, го манипулираат народот и сѐ заради евтини политички поени. Нормално дека на Османи му се брза да го реши спорот со Бугарија, бидејќи со заминувањето на Заев тешко ќе се најде друг за нова македонска капитулација, а тоа значи и одложување на големоалбанските фантазии. Новата бугарска коалиција јасно ни стави на знаење дека продолжува старата политика и дека сѐ уште се надеваат на наше откажување од самите себе. Македонската страна мора да се придржува до резолуцијата на Собранието, а тоа значи отфрлање на т.н. португалски предлог, како и на „5+1“-махинациите. Сите тие се надвор од критериумите на резолуцијата. Очекуваниот, некаков нов бугарски предлог, веројатно ќе мора да се одбие веднаш со индигнација, бидејќи можеме да бидеме сигурни дека тој целосно ќе ја игнорира нашата резолуција – вели амбасадорот Ристо Никовски.