Реџеп Мемеди, член на Централното претседателство на Движењето Беса и пратеник во Собранието денеска на прес-конференција изјави дека деновиве очекува интензивирање на разговорите за нивен евентуален влез во Владата.
– Во однос на нашите контакти со премиерот Зоран Заев за евентуално вклучување на Движењето Беса во Владата, имаше неколку средби, но за поконкретни чекори очекуваме наредните денови да се интензивираат контактите и поконкретно да разговараме за оваа тема, рече Мемеди.
Движењето Беса, на прес-конференцијата по повод Светскиот ден на здравјето – 7 Април, ги повика Владата и здравствените институции да ги преземат потребните мерки за рехабилитација на здравствениот систем со цел граѓаните да го реализираат своето право на квалитетна и безбедна здравствена установа.
– Потешкотиите со кои се соочуваат граѓаните секој ден при користење на здравствени услуги и статистичките податоци за високата стапка на смртност на новороденчињата се показатели за алармантната состојба што владее во нашето здрвство, рече Мемеди .
Тој информира дека секој месец има недостиг на лекови за хронично болните, присуство на фалсификувани лекови, лоши инфраструктурни услови во болниците, долги чекања на пациентите, некогаш и со месеци за да дојдат до здравствена услуга. Со мали исклучоци, како што рече, здравството во Македонија продолжува да биде неквалитетно и неефективно.
Нови потпретседатели на Движењето Беса, на чело со Биљал Касами, се Фадил Зендели, Кастриот Реџепи и Абдуш Демири, е одлучено синоќа на првиот состанок по одржаниот Конгрес. За генерален секретар е избран Аријанит Хоџа.
Како што информираат од партијата, на состанокот се избрани и раководители на секретаријатите во рамки на Претседателството, а одлучено било на некој од следните состаноци да се избере и четвртиот претседател кој ќе биде од редовите на Форумот на жени.