„Нова Македонија“ побара коментар за допирните точки меѓу политиката и лагата во пресрет на почетокот на изборната кампања на 1 април, Денот на шегата и лагата, од лица што гледаат и од повеселата страна на животот. На Македонците секој ден, 30 години, им е априлилили, само изгледа поентата е што политичариве не носат маски, па не можеме да процениме дека нѐ лажат, тврдат нашите соговорници
Невистините стануваат почести особено за време на избори. Политичките аналитичари, но и оние лица што гледаат од повеселата страна на животот, не обидувајќи се да го оправдаат туку само да најдат објаснување за големото количество лаги истурени во предизборната кампања, велат дека народот сака да верува, па затоа политичарите си дозволуваат невистини, а нема кој да ги санкционира. Тие во исто време тврдат дека македонските граѓани се свесни дека политичарите лажат. Разликите се во нијанси, но општ е впечатокот дека манипулацијата стана врвна алатка за владеење, особено во политиката и секојдневниот живот.
Во пресрет на претседателските избори, во јавноста се забележуваат засилени активности во партиските штабови на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ особено по ТВ-дуелот на двајцата лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски и меѓусебните обвинувања за лаги. Политичките аналитичари, запрашани за овој феномен, чудно, но вистинито, најпрво коментираат за аудиториумот, за граѓаните, односно колку тие може да ги увидат фактите и да ги одвојат од лагите.
Но фактот што аналитичарите најпрво се осврнуваат кон анализа за тоа колкаво количество невистини можат да примат граѓаните и дали можат да разликуваат вистина од лага, сам по себе нагласува дека од политичарите ние, како граѓани, навикнавме да нѐ „трујат со лаги и клевети за опонентот“ и, притоа, таквиот однос и изјави да ги прифатиме како нешто нормално.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу објаснува дека и спинувањето има реален дострел до каде може да стигне. Тој вели дека доколку дел од ветувањата на владејачката партија се исполнат и реално граѓаните ги почувствуваат, тогаш контрапродуктивно е да се оспорува нешто што е видливо и опипливо. Во исто време, Муслиу истакнува дека политичките лаги и лажните вести се глобален проблем, на кој не е имуна македонската политичка сцена.
– Глобално никој не може да манипулира со тебе ако ги проверуваш фактите, така ниедна страна во приказната тука не е без вина. И ние, граѓаните, сами сме виновни што не ги проверуваме фактите, за да увидиме кој нѐ лаже а кој не. Ова е двонасочна улица и мора да се внимава. Во исто време, политичарите лажат, а ние граѓаните сме подготвени да ги прифатиме тие лаги, а тоа е така поради што во земјава има испревртени вредности. На пример, на Запад политичарите се трудат да не лажат, бидејќи за тоа преземаат последици. Кај нас вредностите се изместени. Тие лажат, а ние веруваме во работи што не се остварливи и ги прифаќаме – вели Муслиу.
Тој дообјаснува дека целиот тој круг треба да со консолидира за да започне моментот кога што ние граѓаните нема да ги прифаќаме лагите што ни ги сервираат политичарите.
„Нова Македонија“ побара коментар за овој проблем на политичката сцена во пресрет на почетокот на изборната кампања на 1 април, Денот на шегата и лагата, од лица што гледаат и од повеселата страна на животот. Актерот и стендап-комичар Сашо Тасевски вели дека кај нас се лаже константно веќе 30 години и сега на политичарите не им е и ни најмалку важно дали е 1 април, 8 март или 27 јули, лажат нонстоп.
– Кај нас може да почне не на 1 април, Денот на лагата и шегата, туку секој ден да се лаже. Лагата кај нас е начин на живеење, а завршува со онаа народната „ќе нѐ биде“ и тапкање по рамо. На Македонците секој ден, 30 години, ни е априлилили, само изгледа поентата е што политичариве не носат маски, па изгледа не можеме да процениме дека нѐ лажат – вели со потсмев Тасевски.
Горан Ѓуровски, или Зевзек Ѓуро, од хумористичната емисија „Зевзекманија“, вели дека како се наближува 1 април, така сите сакаат да се маскираат барем на еден ден во политичар, бидејќи најдобро лажеле.
– Се ближи 1 април, во што ќе се маскирате? Па, се разбира во политичар… ќе лажам цел ден. Па, така, и своевремено легендарниот пејач Пепи Бафтировски пееше „Ако згрешам, нека изгорам“. Дали тогаш стиховите беа за носталгијата по родниот крај и за враќањето дома не знам, но уште во првата строфа има силна политичка димензија, која може да ја примениме и ние за политичарите, ако ништо повеќе, макар на овој ден, 1 април, да пробаме да ги „запалиме“ од критики преку хумор и сатира за нивната работа сиве овие години, што не ни е смешна. Во исто време борбата против „загадувањето“ главно е преку молитви до боговите и нивната милост да ни ги простат гревовите за тој чин и да ни испратат ветер во скопската и во другите најзагадени котлини, да се ослободиме од овие лажговци, кои без маски нѐ смеат неуморно со години за подобро утро – вели Ѓуровски.
Па како што завршува Ѓуро, „на лагата ѝ се кратки нозете, ама не и на џебовите на политичарите“.