Најновите барања и отстапки што ги очекува Бугарија од Македонија и кои се однесуваат на ревидирање на историјата и бришење на квалификацијата „бугарски фашистички окупатор“, за што начелно има согласност кај македонските власти, ја брануваа македонската јавност. Но какви се ставовите и размислувањата во однос на овие најнови случувања надвор од политиката? Нашиот весник побара мислења на две нивоа, од МАНУ, како највисока научна институција во државата, и од историчарите, како најкомпетентни и најупатени во овие прашања
Неодамнешната посета на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на Софија, како уште еден обид на ЕУ да ја „убеди“ Бугарија за да го повлече ветото за македонските евроинтеграции, се чини само повторно го активира уценувачкиот бугарски наратив спрема Македонија. Помалку или повеќе, секој обид за „омекнување“ на позициите на официјална Софија се удира во ѕидот на бугарската нереална и анахрона перцепција за Македонија и Македонците (како откинат дел од бугарска историја и нација), но од средба до средба (во зависност од политичките актери) се нагласуваат и нови аспекти, уцени, барања или отстапки што се очекува да ги направиме. Овој пат забелешката на бугарскиот политички врв, на која речиси веднаш реагираше македонската страна, беше „разочараноста на официјална Софија од неспроведувањето на договорот, во смисла на отстранување на перцепцијата на омраза спрема Бугарија во македонските историски споменици и учебници“. Конкретно, бугарската страна е незадоволна што во македонските учебници и споменици за случувањата од Втората светска војна сѐ уште постои квалификацијата „бугарски фашистички окупатор“. На ваквата сензибилизираност на бугарската страна, македонскиот премиер Зоран Заев одговори дека „во голем дел од спомениците што ги има и во Бугарија и во Македонија треба да има пријателски дух, така што фашизмот не смее да има етничка димензија“, навестувајќи интервенција во таа смисла, како на спомениците, така и во учебниците.
– Кај одредени наши споменици тоа е веќе направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе е фашистички окупатор, затоа што не можете цела нација да обвините за тоа дека учествувала во Третиот рајх во тоа време. Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата. Се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработката и добрососедството, нормално, очекуваме тоа да се направи – одговори премиерот Заев на новинарски прашања.
Какви се размислувањата во однос на овие најнови случувања во однос на Бугарија кај стручната и интелектуална елита кај нас? Нашиот весник побара мислења на две нивоа, од МАНУ, како највисока научна институција во државата, и од историчарите, како најкомпетентни и најупатени во овие прашања.
МАНУ: Барањата за менување на историјата не можат да ги сменат фактите
Идејата за интервенција во историските учебници во македонското образование, па дури и на спомениците, иако веќе една-две години е подметната во македонскиот јавен и научен простор, сепак, и понатаму предизвикува неодобрувачки, па и бурни реакции. Во однос на најновото актуализирање на оваа идеја, како исполнување на еден од условите за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, наведува научни аргументи зошто македонската наука, па и политика не смеат да го дозволат тоа.
– Во врска со барањата за менување на историјата на Втората светска војна, два непобитни факти се поврзани со тоа. Прво, државата Бугарија во периодот од април 1941 година до септември 1944 година била сојузник на Третиот рајх (Договорот помеѓу цар Борис и Хитлер за приклучување на Бугарија на нацистичко-фашистичката оска е потпишан на 18 април 1941 година). Според Хашкиот правилник од 1907 година, членот 42, територија се смета за окупирана кога ефективно се наоѓа под власт на непријателска армија, од една страна, а во светски речници, од друга страна, под окупација се подразбира заземање држава или дел од нејзина територија од страна на војска од туѓа држава. Така, во 1941 година, дел од Кралството Југославија, територијата што се нарекувала Вардарска бановина била заземена, окупирана од Бугарија. Второ, современата македонска држава е помлада од македонскиот народ, а најголемиот дел од населението на Вардарска бановина, на денот на окупацијата од Бугарија, се чувствувало како Македонци. Така, 11 Октомври е востание против ропството на Македонците од Бугарија, која на денот на востанието била сојузник на нацистичка Германија и фашистичка Италија. Денес, иако сме сведоци на негирањето на постоењето на македонскиот народ и на ослободителниот и антинацистичкиот-антифашистичкиот карактер на востанието, мислам дека ние не треба да го дозволиме тоа – категоричен е претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Историчарите предупредуваат на опасноста од забуни и заблуди
Самата идеја за интервенција во историските учебници, а со тоа и во историската наука, за македонските историчари претставува намера без преседан за одредена политичка цел, политиката буквално да брише историски факти. Историчарот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја на Македонија, предупредува на опасноста од забуни во македонската историја доколку се отстрани одредницата „бугарски“ пред „фашизам“, во описот на настаните и (зло)делата извршени во Македонија за време на Втората светска војна.
– Ние, Македонците, не сме го измислиле фашизмот! Во историјата со тој термин се омеѓува едно време, еден период кога се случувале настани и дела што драматично влијаеле на целиот свет. Со ревизија на македонската историја, како што се обидуваат да наметнат бугарските политичари (а нашите, македонските прифаќаат) не можеме да ги исправиме грешките што ги направила Бугарија во своето минато. Дури и во нивните историски документи е запишано дека Бугарската комунистичка партија се борела против фашистичката влада на Филов и на царот Борис. Фашизмот и нацизмот се системи што постоеле и се преплетувале во еден важен период од историјата на 20 век, но не може да се направи генерализација, туку во секоја земја што го прифатила си има одредени карактеристики. Па, во историјата се зборува за италијански фашизам, германски националфашизам, унгарски фашизам, фашистичка влада на генералот Петен во Франција, па и за фашистичка влада на Бугарија, што логично имплицира на период на бугарски фашизам. Притоа, доколку се избрише квалификативот „бугарски“ пред „фашизам“ во македонските учебници и споменици, може да се создаде заблуда кој ги извршил злоделата за време на Втората светска војна во Македонија: како холокаустот на Евреите, отсечената глава на Невена Георгиева -Дуња, убиствата на ваташките младинци… Утре Бугарија може да побара да признаеме дека, всушност, Македонците во Македонија ги сториле тие злодела… Во историјата не се генерализира – сѐ си има време и простор. Македонските политичари загризуваат преголем залак, сметајќи (без размислување) дека со ревизија на сопствената историја ќе постигнат некаква актуелна политичка цел – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Секоја отстапка е премалку за бугарските апетити
Македонското собрание пред два месеца изгласа резолуција со која на своевиден начин ги дефинира „црвените линии“ во преговорите со Бугарија за историско-идентитетскиот спор што Бугарија го постави како услов за почнување преговори на Македонија за членство во ЕУ. Од бугарска страна, оваа македонска резолуција беше толкувана како одговор на нивната декларација од пред две години, но сега се наметнува прашањето дали документот изгласан во македонското собрание претставува доволно обврзувачки аргумент за политичарите во заштита на национално-историските позиции пред евроинтегративните предизвици.
– Историјата и политичката прагма покажуваат дека ниту еден договор ниту еден документ не можат да ги ограничат политичката сила и волја кога се сака да се спроведе нешто. Ако од позиција на политичка сила се реши да се интервенира во историските учебници и споменици во Македонија, не верувам дека собраниската резолуција ќе биде земена предвид и ќе биде некаква пречка во спроведувањето на таквите, во основа, антинаучни дејства. Доколку се спроведе идејата за бришење на одредницата „бугарски“ пред „фашизам“ во македонската историографија за Втората светска војна, освен што ќе биде антинаучен преседан од страна на политиката, уште полошо е што тоа ќе биде под влијание на една странска држава. Притоа, тоа би бил само еден чекор во исполнувањето на барањата од бугарската страна, кој нема да биде доволен за откажување од нивната позиција во однос на македонските евроинтеграции. Секогаш нагласувам дека решението на овој наметнат македонско-бугарски спор не е во отстапките во поглед на историјата. Во крајна линија, бугарските очекувања се да признаеме дека сме (биле) „втора бугарска држава“. И секоја отстапка од македонска страна во поглед на историјата нема да биде доволна за нив без реализирање на крајната намера – вели историчарот Александар Литовски, поранешен член на мешаната македонско-бугарска историско-образовна комисија.