Поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски за најавите дека францускиот претседател ќе го помага дијалогот помеѓу Скопје и Софија
Францускиот претседател Емануел Макрон сака да биде лидер на Европа по заминувањето на Ангела Меркел од канцеларската функција, но на еден поинаков начин и нема да прифати нови експерименти и нова билатерална постапка, смета дипломатот од кариера и поранешен македонски амбасадор Љупчо Арсовски, во однос на најавите од француските амбасадори во Скопје и во Софија според кои Макрон ќе преземе чекори за олеснување на дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија.
– Некои размислувања на аналитичарите дека Макрон ќе се концентрира на претседателските избори не одговараат на ситуацијата, бидејќи Франција мора да биде заинтересирана за Балканот, особено поради актуелните случувања во БиХ, со Србија и со Косово, како и во Црна Гора во изминатиов период. Очекувам историчарите и другите познавачи на состојбите да му помогнат на Макрон, да го информираат подобро за ситуацијата. На Макрон му е потребен замав за крупните прашања и во претседателската кампања – истакнува Арсовски.
Традиционално добрите односи на Франција со Грција би можеле да дојдат до израз и во обидите на Макрон за посредување во спорот помеѓу Македонија и Бугарија, според Арсовски, особено бидејќи Софија заговара примена на Преспанскиот договор во преговорите на Македонија со ЕУ.
– Франција има традиционално добри односи со Грција и ќе биде во консултација со неа. Грција не би сакала да комуницира на груб начин како што тоа го стори Румен Радев при вчерашната средба со Кирјакос Мицотакис. Бугарија заговара примена на Преспанскиот договор во преговорите со ЕУ, односно билатералната спогодба да стане мултилатерална, што Грција не го прифаќа – заклучува Арсовски.
Франција од 1 јануари го презема шестмесечното претседателство со ЕУ, кое ќе се поклопи со кампањата на Макрон за нов мандат на француските претседателски избори, што ќе се одржат во април в година.