Ако евентуално ние Македонците што живееме во нашата држава се согласиме и одлучиме да го промениме нашиот национален идентитет во северномакедонци тоа ќе значи и де јуре и де факто разлика меѓу нас и меѓу македонскиот народ што живее во Грција, но и Македонците што живеат во другите држави во светот, вели професорката по уставно право, Тања Каракамишева-Јовановска

Дали и какви замки и стапици крие постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција. Според експертите, за предложеното решение „Република Северна Македонија“, прифаќањето на употребата ерга омнес на новото име и менување на Уставот, се кријат многу повеќе стапици, кои лесно можат да ги релативизираат „трофеите“ од преговорите. Посебно погодени со одредбите од договорот се македонските малцинства во соседните земји.
Според еден член од спогодбата, се бара Македонија да се откаже од своите малцинства.

– И покрај тоа што во 1992 година под директен притисок токму на Грција, македонската страна се согласи да го дополни член 49, став 1 со уште еден став содржан во уставен амандман со кој се посочи дека „Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“, станува јасно дека и овој амандман не ги задоволи грчките апетити и интереси. Со новиот договор се бара од македонските власти комплетно да се откажат од грижата за Македонците што живеат во соседните земји, односно да се откажат од Македонците што живеат во егејскиот дел од Македонија, но и од Македонците што живеат насекаде во светот – вели професорката по уставно право, Тања Каракамишева-Јовановска.

Спогодбата уште веднаш предизвика реакција од македонско друштво „Илинден“ со седиште во Тирана (Албанија) и огранок за Голо Брдо, кое најостро се спротивставува на потпишувањето договор со Грција за промена на името на Република Македонија и идентитетот на македонската нација.

– Секоја промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонската нација ќе го загрози идентитетот на Македонците во целиот свет, во соседните земји на Република Македонија и во Република Албанија. За жал, преговорите јасно покажаа дека Грција бара промена на македонскиот идентитет. Впрочем, власта и во Грција и во Бугарија недвосмислено кажаа дека Македонија може да влезе во Европската Унија, но не и „македонизмот“ – се вели во нивната реакција.

– Македонците во соседните држави на Република Македонија, го бранат своето право на постоење и апелираат до меѓународната заедница да ги одбрани нивните најосновни човекови права, во согласност со универзално прифатените и ратификувани конвенции за човекови права. Бараме, од името на сите Македонци, кои живеат во Албанија, а нѐ има над 120 илјади, да не се потпишува договорот со Грција за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Нашето име е Република Македонија и Македонци со векови и тоа бараме да се почитува – посочуваат од Македонско друштво „Илинден“

Слична реакција доаѓа и од движењето на дијаспората во САД, која преку декларацијата „Ние сме Македонија“, организираше и протести против промена на името на Република Македонија.

– Како што дознавме, според еден член од новопромовираната спогодба за надминување на спорот што Грција го има со името на нашата татковина, Македонија, малцинствата веќе нема да бидат малцинства, туку ќе бидат сведени на дијаспора. Но круцијалната разлика е во тоа што македонското малцинство во Грција, Албанија, Бугарија, во тие земји не е населено со преселба, напуштање на матичната земја, како ние, во САД, туку тие се таму родени, живеат со генерации. Тие се автентично етничко малцинство, а сега се оставени сами на себе, како ние во дијаспората. Иако Грција не признава малцинства, со потпишување на договорот, Македонија се откажува од нив, што е крајно е неприфатливо – вели Ана Дукоска, глобална координаторка на движењето „Ние сме Македонија“, во Вашингтон, САД.
Дијаспората во САД е сплотена во убедувањето дека Македонија може да опстои и без жртвата на менување на името.

– Ако е точно дека многу наскоро одлуките во Европската Унија ќе се носат со мнозинство, а не со консензус, Македонија со оваа спогодба прави преголема жртва. Треба да се засили лобирањето во ЕУ – вели Ана Дукоска. Притоа таа го повика македонскиот народ да застане во одбрана на светото име на нашата татковина Македонија.

– Јасно и гласно – ние сме Македонија и друго име нема да прифатиме – инсистира Дукоска.
Членот за малцинствата во спогодбата, професорката по уставно право, Тања Каракамишева-Јовановска го смета за ултиматум на грчката страна.

– Ова нивно експлицитно барање значи јасно упатен ултиматум до македонските власти повеќе да не смеат да покажат грижа за правата и за положбата на своите сонародници во Грција, но и на сите Македонци во светот поради фактот што не се еднородни со нив!

Што значи ова? Многу едноставно. Ако евентуално ние Македонците што живееме во нашата држава се согласиме и одлучиме да го промениме нашиот национален идентитет во северномакедонци тоа ќе значи и де јуре и де факто разлика меѓу нас и меѓу македонскиот народ што живее во Грција, но и Македонците што живеат во другите држави во светот.

А што вели нивниот Устав? Членот 108 1. од грчкиот устав на кој упатуваат Грците во договорот во делот на истородноста аналогно со грчкиот устав гласи: „Државата мора да се грижи за емигрантите Грци и за одржување на нивните врски со татковината. Државата ќе биде присутна во образованието, во социјалното и професионално унапредување на Грците што живеат надвор од државата. Во посебен закон ќе бидат уредени прашањата поврзани со организацијата, функционирањето и надлежностите на Советот на Грци што живеат надвор, а чија мисија е поврзување на сите грчки заедници низ светот“.

Ако ние хипотетички сме согласни да го промениме нашиот идентитет во северномакедонски тоа практично би значело дека ние тука северномакедонците, и македонскиот народ што живее во егејскиот дел од Македонија или на друго место во светот не сме истороден народ, ќе значи дека ние немаме ништо заедничко со Македонците што живеат во дијаспората, бидејќи никаде во светот не постојат и не живеат северномакедонци. Оваа нова кованица што ни ја смислија Грците како нова вештачка творба не е ниту случајна, ниту без јасна цел – таа треба да направи јасна разлика меѓу нас и другите Македонци, меѓу нас што живееме на територијата на државата „Северна Македонија“ и никаде на друго место во светот, и нив другите Македонци – анализира Тања Каракамишева-Јовановска.


За македонската дијаспора во Хрватска, спогодбата е предавство

Македонската заедница во Република Хрватска со нетрпение, но и со страв ги чекаше најавените „историски“ договори и спогодби помеѓу Република Македонија и нејзиниот јужен сосед. Нашиот став е познат уште многу одамна. Република Македонија ерга омнес засекогаш и за секаде. Никакви таканаречени договори за промена на името не прифаќаме и мислиме дека доколку постои и малку чест во душата на нашата сегашна власт би било коректно да поднесе оставка и да го тестира мислењето на својот народ на слободни и ненаместени избори. Не знам дали во македонскиот устав постои категорија за кривична одговорност на политичари за делото велепредавство, но доколку го нема би им советувал на нашите сонародници да го внесат итно. Ова што е направено од новата власт, за нас е само еден чин на предавство на сопствениот народ. Предавство на своите предци и своите деца. Каде ќе им оди душата кога би се реализирале договори. Се надеваме дека нашиот народ сепак ќе се освести и дека нема да поверува на овие бајки од влегувањето во НАТО и во ЕУ, на кои можат да поверуваат само мали дечиња – вели Ангел Митревски, член на Советот за национални малцинства на Владата на Р. Хрватска.