Фото: Игор Бансколиев

Многу важна улога за интернационализирањето на прашањето за признавање на црквата има и актуелната политика на Владата, особено препознавањето на тоа од страна на премиерот Зоран Заев. Неговата иницијатива да испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање признавање на автокефалноста, е на линија на поддршка на националните и државни интереси, кои се неразделен дел од црковната самостојност на МПЦ-ОА, тврдат добро упатени црковни извори од странство

Македонското црковно прашање во моментов е единствено најзрело и наједноставно за решавање во православието. Откако Вселенската патријаршија призна постоење на автокефалната црква во Украина, познавачите на состојбите во православниот свет, велат дека следниот предизвик за вселенскиот патријарх Вартоломеј е токму автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, прашање што стои отворено повеќе од 70 години.
Според нив, многу важна улога за интернационализирањето на прашањето за признавањето на црквата има и актуелната политика на Владата, особено поддршката што доаѓа од премиерот Зоран Заев.
– Неговата иницијатива да испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање признавање на автокефалноста, е на линија на поддршка на националните и државни интереси, кои се неразделен дел од црковната самостојност на МПЦ-ОА – додаваат познавачите.

Таа поддршка од државата што МПЦ-ОА ја добива преку премиерот Заев е во насока на државничка одговорност, кои општествените важни прашања, а токму решавањето на црковното прашање во Македонија ќе значи дополнително релаксирање на односите меѓу државите во регионот и уште еден проблем помалку, велат аналитичарите.
Тие сметаат и дека за сите овие години додека МПЦ-ОА се бореше за нејзино официјално признавање како рамноправна црква во православниот свет, паралелно ја градеше својата структурираност како една од ретките живи цркви, кои сѐ уште не се официјално признаени.

– МПЦ-ОА по сите основи, почнувајќи од свештеници, владици, богословски училишта, па до сериозно развиена монашка заедница, е незаобиколен фактор. Сите овие факти пред себе ги има вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој ја презеде одговорноста да биде носител на процесот за решавање на ова децениско прашање. И самиот вселенски патријарх знае дека ваква црковна организација како што е МПЦ-ОА со огромен број верници, организирана по сите црковни канони, е невозможно да остане и понатаму во заложништво на одредени интереси на други православни цркви и токму затоа е и надежта дека Вартоломеј ќе биде доследен на своите заложби за решавање на ова прашање – прогнозираат аналитичарите.

Засега во Македонија само премиерот Зоран Заев имаше иницијатива за поддршка, со писмото што го испрати до вселенскиот патријарх и во кое побара решавање на статусот на МПЦ-ОА.

Пред десетина години и Собранието имаше слична иницијатива, кога беше изгласана Резолуција за поддршка на автокефалноста на МПЦ. Но токму сега, како што истакнуваат аналитичарите, е момент кога државниот врв треба поизразено да ја демонстрира својата поддршка, односно кога државата, премиерот, претседателот, Собранието не можат да останат рамнодушни и треба да обезбедат одреден степен на поддршка за црквата, пред сѐ, поради потребата да се релаксираат односите меѓу верниците, но и да се постигне крајната цел – затворање на ова прашање што ги оптоварува и политичките односи меѓу државите.


Борба за превласт меѓу црквите

Прашањето за доделување автокефалност на една православна црква веќе долги години стои закочено во православниот свет. Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови за да го воспостават самостојниот црковен статус во православието. На последниот собор на Крит 2016 година, на кој не учествуваше Руската православна црква (РПЦ) и уште неколку православни цркви, таа точка не се најде на дневен ред, бидејќи претходно не беа усогласени сите детали како да ѝ се додели автокефалност на една црква.
Инаку, РПЦ инсистира томосот на новата автокефална црква да го потпишуваат сите поглавари на веќе признаените автокефални православни цркви, односно се залага за консензус. Вселенскиот патријарх, пак, смета дека томосот треба да го потпишува само тој, а се согласува дека претходно треба да има консензус од сите православни цркви за новата православна црква. Меѓутоа, таква одлука не е изгласана во православниот свет.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]