Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската делегација беше бурно поздравена како своевидна атракција на првиот ден од самитот, на кој денеска свое обраќање ќе има премиерот Заев, кој ќе истакне дека Македонија како нова членка на Алијансата ќе даде придонес пред сѐ на темата за единството, кое во моментот е многу важно во НАТО

Јасминка Павловска
(Наша специјална известувачка од Лондон)

Самитот на НАТО, за чудо, не е прва вест во Лондон, иако прославата на 70-годишниот јубилеј на Алијансата се одржува во Велика Британија, која е повеќе заинтересирана за својот брегзит. И покрај сите внатрешни превирања во Алијансата, сите лидери на 29-те земји-членки, како и македонската делегација предводена од премиерот Заев, од вчера се во изненадувачки сончевиот Лондон. Како загревање за самитот, кој се одржува денеска, вчерашниот ден беше замислен како ден за панел-дискусии, насловени со заедничкото име „НАТО-проширување“. Како еден од панелистите беше и македонскиот премиер заедно со полскиот претседател Анджеј Сова, но македонската делегација беше бурно поздравена како своевидна атракција и ѕвезда на самитот. Главната радост на македонската делегација е истакнувањето на државното знаме како и рамноправниот третман со преостанатите 29 членки на НАТО. Навистина Македонија сѐ уште нема право на глас на овој самит, но премиерот Заев рече дека добил информации од шпанскиот кандидат за премиер Санчез дека веќе е конституиран парламентот на Шпанија и дека наскоро ќе се формира влада и можеме да ја добиеме и последната ратификација на протоколот за НАТО, со што ќе станеме рамноправна членка.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Заев ќе има обраќање денеска, на главната сесија на НАТО, во која ќе истакне дека ќе даде придонес како нова членка на Алијансата пред сѐ на темата за единството, кое во моментот е многу важно во НАТО. Министерката за одбрана Шеќеринска, потсетувајќи на самитот на Букурешт пред 11 години, рече дека треба да се потсетиме на поразите за да се радуваме на победите. Овој самит на НАТО во Лондон за Македонија е историски и поради фактот дека всушност сме ја фатиле последната шанса да се приклучиме на политиката на отворени врати во Алијансата.

– Ако ја пропуштевме оваа шанса, ќе чекавме уште многу, зашто очигледно политиката на отворени врати во НАТО се менува – рече министерката за одбрана Шеќеринска.
Очекувано, главна ѕвезда на самитот е американскиот претседател Трамп, за кого се спроведуваат посебни безбедносни мерки при секоја негова појава, а се очекува утре да пристигне на самитот со хеликоптер. Тука е и францускиот претседател Макрон, на кого изгледа се гледа како на „проблематичното момче“ на овој самит, по изјавата за „мозочната смрт“ на НАТО и идеите за затоплување на односите со Русија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на дебатата поентира дека НАТО е досега најдобрата алијанса, бидејќи е подготвена да се менува.

 

 

Фото: Маја Јаневска-Илиева